ОСНОВЦИТЕ ОД КАРПОШ НА ПРАКТИЧЕН ЧАС КАЈ ЈАКИМОВСКИ
- февруари 22, 2017
- 0
Учениците од ООУ „Владо Тасевски“ и ООУ „Лазо Трповски“, денеска беа на едукативна посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Четвртоодделенците од двете училишта од Карпош, беа на практичен час по предметот Општество во чии рамки се изучува темата за локалната самоуправа. Општинскиот татко, одговарајќи на прашањата на учениците објаснуваше како функционира една локална самоуправа и кои се нејзините надлежности. Основците беа заинтересирани, кои се органите на Општината, како се бира градоначалник и како функционира Советот на локалната самоуправа и сл.
На конкретно прашање од учениците, првиот човек на локалната самоуправа им објасни дека и покрај тоа што не е надлежна за одржувањето на хигиената и одржувањето на животната околина, Општина Карпош со сопствени средства ги решава и овие проблеми на карпошани.
Јакимовски напомена дека е од исклучително значење, учениците да се занимаваат со спорт уште од оваа рана детска возраст, бидејќи спортот позитивно влијае врз нивниот психофизички развој. Во оваа пригода тој ги потсети дека треба да се изучуваат што повеќе странски јазици, цитирајќи ја познатата изрека ,, Човек вреди за онолку луѓе, колку што знае јазици“.