Збратимените основни училишта „Владо Тасевски“ од Карпош и „Хасан Приштина“ од Чаир кои се дел од проектот на УСАИД за Меѓуетничка интеграција во образованието, денеска ја чистеа пешачката патека долж булеварот Партизански одреди во населбата Карпош 3. Во таа насока, Општина Карпош обезбеди финансиски средства кои ООУ „Владо Тасевски“ ги намени за купување на хигиенски средства и опрема за чистење. Инаку, учениците и наставниците ја спроведоа денешната акција по повод одбележување на Меѓународниот ден за чистење на планетата Земја.

 

                Во оваа пригода градоначалникот Стевчо Јакимовски  ги посети учениците и наставниците кои работеа на терен. Притоа тој ја поздрави нивната иницијатива со која тие директно влијаат на подигнување на свеста на граѓаните, за одржување на здравата и чиста животна околина.

  • Пред сé ја поздравувам добрата соработка која ја имаат овие две основни училишта, кои заедно се здружија и ја реализираа оваа еколошка акција. Покрај тоа што учениците ни покажаа колку се вредни и совесни, јас навистина се гордеам со сите нив бидејќи најмладите пратија порака до пошироката јавност, како сите ние треба да се однесуваме кон животната средина во која живееме – додаде Јакимовски.