ОСНОВЦИТЕ ОД „ВЛАДО ТАСЕВСКИ“ ДЕЛ ОД ПРВИОТ НАУЧЕН КАРАВАН
- мај 16, 2025
- 0
Под мотото „Малите навики создаваат големи промени“, вчера учениците од ООУ „Владо Тасевски“ го одбележаа 15. мај – Светскиот ден за заштита на климата, каде во рамки на училиштето се одржа и првиот научен караван, во организација на невладината Еко Логик.
По тој повод учениците од дома донесоа био-отпад (лушпи од јаболка, искористено масло и сл.) кој потоа беше претворен во корисен ресурс, преку интересни и едукативни демонстрации. Целта на оваа акција е да се поттикнат децата уште од дома да размислуваат за својот еколошки отпечаток и да станат активни учесници во борбата против климатските промени. Во оваа пригода основците од седмо, осмо и деветто одделение се запознаа со иновативни и одржливи решенија за искористување на органскиот отпад преку производство на биодизел кој се добива од отпадни масла, како и изработка на биофилм од лушпа од компири.
Инаку, научниот караван се реализира како дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“. Проектот го спроведува Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со Еко Логик и Флорозон Центар за еколошка демократија, а истиот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата за поддршка на граѓанското општество – Civica Mobilitas.