Четвртоодделенците од ООУ „Братство“ учествуваа во процесот на тестирање како дел од меѓународната студија ТИМСС 2023 (Trends in International Mathematics and Science Study), кое се одржа денеска во рамки на нивното училиште. Станува збор за меѓународна студија по математика и природна група на предмети, која ги мери знаењата и способностите на учениците по наведените предмети. Според планираната агенда ова тестирање ќе се спроведе во 150 основни училишта ширум нашата држава.

 

Методологијата на тестирањето се спроведува преку прашалници за ученици, наставници и директори, по што се добиваат резултати за тоа како културната средина, наставната практика, целите на наставните програми и систематското уредување на образованието, влијаат врз постигањата на учениците. Притоа, мерењето на  постигнувањата во оваа студија има две димензии: содржинска и когнитивна. Главен организатор на студијата ТИМСС е Mеѓународната организација за вреднување на образовните постигања (IEA – International Association for the Evaluation of Educational Achievement), додека пак, со активностите раководи  Меѓународниот студиски центар во Бостон (International Study Center, ISC).