ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ОПШТИНА КАРПОШ ЌЕ ГО ЗАПОЧНАТ 715 ПРВАЧИЊА
- септември 2, 2024
- 0
Денеска и официјално започна новата учебна година за сите ученици од Општина Карпош. Со запишани 715 првачиња за оваа година, Општината е лидер во државата по бројност на деца кои ќе го започнат првото поглавје од својот живот. По тој повод, денеска во дворот на ООУ ,,Јан Амос Коменски”, присуствуваше Градоначалникот Стевчо Јакимовски и Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, како и советници и вработени од локалната самоуправа. Во својот поздравен говор, Градоначалникот Јакимовски им посака добредојде на првачињата и среќен почеток за сите ученици.
-За разлика од други Општини, на кои им се намалува бројот на дечиња, во Карпош се зголемува бројот на запишани првачиња. Имаме место за сите ученици, затоа Општината води политика да не примаме ученици од други Општини, затоа што се зголемува бројот на жители и на новородени деца токму во нашата Општина. Инаку, во Општина Карпош само три училишта учат во две смени, останатите се во една смена – посочи Јакимовски. Тој исто така додаде дека Општината ќе им обезбеди сигурна иднина во новите реконструирани училишта, во кои има одлични услови за работа и престој на учениците.
-Засега четири училишта се реконструирани, инаку, би сакал да напоменам дека сите училишта се реконструирани во 2011 /2012 година, а уште две се планира да се завршат до крајот на оваа година. За наредната година во план се да се обноват уште четири други. Во сите училишта ќе набавиме по 30 компјутери. Исто така ќе набавиме и смарт табли, кои ќе имаат можност да ги користат учениците од трето до девето одделение. Сите училишта ќе имаат фотоволтаични напојувања со електрична енергија, со цел да ја намалиме потрошувачката на електрична енергија – истакна првиот човек на локалната самоуправа. По него, свое поздравно обраќање имаше и Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова која ги поздрави првачињата и им посака успешен почеток во потрагата по нови знаења.
-Бидете сигурни дека нема ништо поважно од знаењето, да научите да пишувате, да читате, да цртате и пеете, верувајте, тоа е нешто кое никој не може да ви го одземе – рече Сиљановска – Давкова која се потсети на деновите кога таа била дел од ова училиште и завршила како првенка, посочувајќи дека ООУ ,,Јан Амос Коменски” било едно од најдобрите училишта не само во Републиката, туку и во Југославија.
Свечен пречек на првачињата имаше и во останатите девет училишта од Општина Карпош, а секое детенце доби бесплатно ранче во кое ќе започне нова етапа од животот