Во пресрет на претстојните празнични денови, денеска, во просториите на Општина Карпош, се одржа координативен состанок помеѓу полициските службеници  од Полициска станица Карпош и претставниците на месните и урбаните заедници. На средбата присуствуваа градоначалникот Сотир Лукровски и Секретарот на општината Мирјана Пехчевска Поп Илиева, како и командирот на ПС Карпош Стефан Трасевски, помошник командирот Милорад Јосифовски, водичот на безбедносен реон Моника Саздова, началникот на ОКР Карпош Давор Дракуловски и помошник началникот Јулијана Станчова. Ова е долгогодишна пракса за одржување на вакви средби на кои  се дискутира за активностите кои се преземаат преку целата година, како и за претстојниот празничен месец ,и како граѓаните да се справат со кражби, пријави за пиротехнички материјали и слично.

                Првиот човек на Општината, Лукровски посочи дека системот на безбедност е главното нешто кое треба да функционира.

  • „Би сакал да потенцирам дека овие средби се од големо значење за превземањето на соодветни мерки во зајакнувањето на јавниот ред и мир во Карпош. Системот на безбедност мора да функционира доколку сакаме да имаме мирни празнични денови. Треба да соработуваме со нашите полициски службеници и секако да веруваме во нив“ – рече кратко Лукровски.

                Началникот на ПС Карпош,  Давор Дракуловски, додаде дека средбите со граѓаните во секоја урбана и месна заедница имаат за цел да обезбедат едукација и превенција од несакани ситуации.

  • „Би сакал да апелирам до граѓаните и до вас како претставници од УЗ и МЗ, дека е потребно пред се, да се врати довербата во Полицијата. Ние сме тие кои можеме да преземеме мерки и да дејствуваме согласно нашите ингеренции, па затоа бараме поддршка и соработка со сите Вас“ – истакна  Дракуловски.

                Општина Карпош апелира до сите граѓани, секој сомнителен случај да го пријавуват во урбаните и месните заедници кои имаат обврска навремено да ги контактираат и да соработуваат со полициските службеници.