ОПШТИНА КАРПОШ – ПИОНЕРИ ВО КОНТРОЛА И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА
- март 21, 2019
- 0
Општина Карпош е единствена локална самоуправа во светот, која е институционална членка на Европското тело за хигиенски инженеринг и дизајн (EHEDG) од Франкфурт, (Германија). По тој повод, Општината, во соработка со Регионалната секција на EHEDG за Република Северна Македонија, вчера одржа информативна средба за хигиенско инженерство кое е во служба на квалитетот и безбедноста на храната. Средбата беше наменета за општините на територија на Град Скопје.
Целта на средбата беше Општина Карпош, како пионер во оваа дејност, да го пренесе своето искуство и знаење и да ги запознае општините за начинот на којшто се контролира безбедноста на храната во предучилишните и училишните установи. Вмрежувањето на општините, бизнис секторот и здравствените институции со меѓународни организации од ваков тип, е од клучно значење за подигнување на свеста на граѓаните и нивно запознавање со превентивното здравје на најмладите.
Присутните гости ги поздрави градоначалникот Стефан Богоев кој во овааа пригодаа истакна дека превентивното здравје преку исхраната на децата од предучилишна и училишна возраст е еден од главните приоритети на Општина Карпош.
– За развој на здраво детство и формирање здраво општество, потребна е континуирана грижа за најмладите во секој чекор од нивниот развој – посочи Богоев.
Во рамки на работната средба учествуваше и претседателот на Регионалната секција на EHEDG, проф. Д-р Владимир Какуринов.
На средбата, освен претставници од Општина Гази Баба, Општина Аеродром, Општина Шуто Оризари и Општина Ѓорче Петров, присуствуваа и претставници од ЈЗУ „Здравствен Дом“ – Скопје и од АД „Алкалоид“. Свое стручно излагање имаа и проф. д-р Валентина Павлова од Технолошко – техничкиот факултет од Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола и дипл. нутриционист Надица Илиевска, кои во соработка со Ванила Фуд – операторот со храна на кујните во основните училишта на територијата на Општина Карпош, воведуваат нови менија и здрави начини на исхрана.