ОПШТИНАТА ДОБИ ФИЗИБИЛИТИ СТУДИЈА ЗА ЈАВНОТО ОСВЕТЛУВАЊЕ ВО КАРПОШ
- јануари 23, 2025
- 0
Во рамки на 60-тата седница на Советот на Општина Карпош која се одржа во амфитеатарот на Универзитетот Скопје, советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 35 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во работна атмосфера, по деталната презентација на експертот од невладината организација КРЕАЦИЈА, Ристо Иванов, со мнозинство гласови беше усвоена физибилити студијата за оправданоста од доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство (ЈПП), за давање на услуги во сферата на јавното осветлување во општина Карпош.
Станува збор за стручна студија којашто ја нарача Секторот за Екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, која преку квантитативна анализа на ризиците, емпириски ја истражи можноста за воспоставување на ЈПП за јавното осветлување во Карпош. Во случајов, локалната самоуправа во периодот 2020-2024 година инвестираше 100 милиони денари финансиски средства, со кои изврши замена на натриумските светилки со нови 4.796 ЛЕД светилки. Овој потег на Општината резултираше со очекувана годишна заштеда на електрична енергија од 60-90% од сегашната инсталирана снага на заменетите светилки или попрецизно, заштеда од 25 до 40 милиони денари. Во таа насока, целта на јавното приватно партнерство е обезбедување на очекувана заштеда, со вложувања во замена на електричната инфраструктура којашто е застарената или пак е надвор од употреба.
Притоа, проектот којшто е анализиран во оваа студија опфаќа конкретни активности кои се однесуваат на вложувања какви што се, замена на 10.000 метри подземна инсталација од сегашните 112.000 метри должина, со проценета вредност од 16,5 милиони денари. Исто така се планира замена на 10.000 метри воздушна инсталација од постоечките 44.000 метри, со проценета вредност од 2,2 милиони денари, замена и одржување на 1.230 пет и пол метарски столбови од вкупно 4.500 столбови со проценета вредност од 73 милиони денари, потоа замена и одржување на 20 осумметарски метални столбови, од вкупно 550 со проценета вредност од 1,6 милиони денари, како и замена на 300 осумметарски дрвени столбови од вкупно 1.100, со проценета вредност од 5,4 милиони денари. Според проекциите, 70% од активностите би се реализирале во рок од три години од денот на склучување на договорот за ЈПП, додека пак останатите 30% би се спровеле во наредните седум години, согласно идентификуваните потреби на јавниот партнер.
Предмет на проектот за ЈПП би била секако горенаведената инфраструктура на јавно осветлување, а извршувањето на услугата од страна на приватниот партнер ќе се дефинира и контролира на годишни нивоа, преку спецификација изработена од јавниот партнер – која ќе биде составен дел на договорот за јавно приватно партнерство. Според стручната студија, проценетата вредност на ЈПП проектот би изнесувал 147.470.000 денари или близу 2,4 милиони евра, а најоптимално времетраење на договорот би било 10 години.
Финансиските средства за реализација на ЈПП проектот би ги обезбедил приватниот партнер, а повратот на вложените финансии би ги обезбедил преку месечни плаќања од страна на Општината (надоместок за извршување на јавна услуга), во висина која ќе биде утврдена во зависност од најдобрата понуда во самиот процес на доделување на договорот за ЈПП. По истекот на овој договор, целокупниот систем на јавно осветлување и одржувањето на истиот повторно би бил предаден во владение на јавниот партнер, односно на Општина Карпош.
Во рамки на денешната седница, поддршка од Советот доби и Одлуката за прифаќање на донација од фирмата Голден Арт – Скопје, во висина од 1.416.000 денари. Станува збор за донација во вид на изработка на Основен проект и ревизија за изградба на сервисна улица СЕ-2, станбените улици СТ-8 и СТ-9 во населбата Злокуќани. Советниците ја поддржаа и Предлог- Одлуката за одобрување на финансиски средства како помош за поправка и санација на два постоечки лифтови на станбена зграда на булевар Партизански одреди број 155, влез 1 и 2. За реализација на оваа Одлука, Општина Карпош од својот Буџет обезбеди 1.000.000 денари. Советот даде поддршка и за прифаќање на донација од БИС ОИЛ ДОО Скопје, во вид на изработка на Основен проект за поставување на улично осветлување на дел од улица 1689. Вкупната вредност на донацијата на Основниот проект и Извештајот за извршена ревизија изнесува 1.590.776 денари со вклучен ДДВ.
Изгласани беа и Извештаите за спроведените активности на Секторите и Одделенијата од Општина Карпош, кои беа реализирани во изминатата 2024 година, вклучувајќи ги тука и Извештаите за активностите во областа на еднаквите можности меѓу жените и мажите и Зелениот катастар. Исто така беше изгласан Извештајот за Програмата за одбележување на 48-миот роденден на Општината, како и финансиските Извештаи за субвенциите за лифтови и покриви кои ги реализираше локалната самоуправа.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за Предлог – Програмата за работата на Советот на Општина Карпош за 2025 година, како и за организирање на продолжен престој во четврто одделение во општинските основни училишта на територија на локалната самоуправа за 2025година. Со оваа Одлука, Советот на Општина Карпош дава согласност за обезбедување финансиски средства за ангажирање на одделенски наставници за реализирање на настава во продолжен престој за ученици во IV (четврто) одделение во основните училишта во Карпош, кои во претходните учебни години следеле настава во продолжен престој. Во оваа ситуација се организира продолжен престој за четвртоодделенците од Карпош, само за хомогени и хетерогени групи од најмалку 15 ученици.
Поддршка од мнозинството советници доби и Одлуката за спогодбено преземање на административен службеник, кој ќе работи во Секторот за јавни набавки при Општина Карпош. Со истата динамика беше поддржана и Одлуката за утврдување на почетокот и завршетокот на работното време во детските градинки во Карпош. Инаку, работното време на предучилишните установи ќе започнува во 06:00 а ќе завршува во 18:00 часот, секој работен ден од понеделник до петок.
Потребното мнозинство го доби и Одлуката за утврдување на вклопување на бесправен објект во урбанистичко-планска документација, заради усогласување на намената на бесправниот објект со намената на земјиштето (КП бр.646/57, КО Долно Водно). На денешната седница беше изгласана Одлуката за техничка исправка на ГП 1.42 од ДУП за населба Маврово и водовод, како и Одлуката за техничка исправка за ГП 4.8.1 од ДУП (измена и дополна) за населба Влае 1, дел Б.