ОПШТИНАТА ГИ НАГРАДИ НАЈДОБРИТЕ УЧЕНИЦИ И СПОРТИСТИ
- септември 18, 2025
- 0
Во просториите на новата општинска зграда, денеска градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски им ги врачи решенијата за осуммесечните стипендии на талентираните ученици и спортисти од осмо и деветто одделение, за учебната 2025/2026 година. Во организација на Одделението за образование во рамки на денешната средба, првиот човек на општината додели вкупно 78 стипендии, од кои 27 за талентирани спортисти и 51 за талентирани ученици.
- „Веќе четири пати бев градоначалник и ова ми е една од најдрагите работи, доделувањето на стипендии на талентирани ученици и спортисти. Уште подраго ми е кога ќе ме сретне некој поранешен ученик и ќе ми каже дека бил наш стипендист. Се гордеам кога ќе слушнам дека тројца фудбалери од Македонската репрезентација беа токму од Карпош и дека имаме репрезантативец во кошарка од нашата општина. Треба да знаете дека ова се ваши први заработени пари, со вашиот труд и дека има некој што тоа знае да го вреднува, за сега е тоа Општина Карпош. Ако бидете личности коишто вложуваат во себе, тоа секако ќе има позитивен резултат. Им се заблагодарувам и на советниците што никогаш не направиле проблем за стипендиите, а оттука сакам да ви најавам дека од наредната година истите ќе се зголемат за 30 отсто“ – истакна Јакимовски.
Според бодувањето во првата категорија во износ од 3.500 денари месечно, спортски стипендии добија 20 ученици, додека пак седум основци ќе користат спортска стипендија во износ од 3.000 денари. Стипендијата се доделува за осум месеци во текот на учебната година. За користење на спортска стипендија, апликантите требаше да достават документи дека се жители на Карпош и да приложат доказ од Националните спортски федерации, за освоено прво или второ место на некој натпревар, дека ја претставувале националната репрезентација најмалку во еден натпревар, или дека индивидуално се прогласени за најдобар спортист.
За оваа учебна година вкупно беа доделени 51 стипендија за талентирани ученици, од кои во прва категорија беа рангирани 14 основци кои ќе користат осуммесечна стипендија во износ од 3.500 денари. Во втора категорија беа рангирани 37 ученици од основните училишта во Карпош, кои ќе добиваат осуммесечна стипендија во висина од 3.000 денари. Според условите на распишаниот јавен оглас за стипендирање на талентирани ученици, апликантите доставија и дипломи за освоено прво, второ или трето место од областа на науката, техниката, културата или уметноста, на некој општински, градски (регионален), државен или меѓународен натпревар.