Со пригодни активности и свечена приредба, вчеравечер, учениците и наставниците од  ООУ „Владо Тасевски“ го одбележаа патрониот празник на своето училиште, во чии рамки се одржа и ликовно – литературен конкурс на тема „Ја сакам мојата татковина“. Во оваа пригода, основците беа дел и од спортските активности во кошарка, женска одбојака, пинг – понг и шах, каде постигнаа успешни резултати.

 

Свечената приредба „Ја сакам мојата татковина“ ја отвори директорката Викторија Кочевска која ги поздрави присутните со пригоден говор, истакнувајќи дека е потребно да ги учиме нашите деца да си ја сакаат татковината и мајчиниот јазик. 

 

  • „Сведоци сме на иселувањето на младите од Македонија и поради ова, ние возрасните имаме сериозна задача и должност да создадеме подобри услови за раст и развој на нашите деца, кои во даден момент треба добронамерно да и служат на татковината“ – нагласи таа.

 

Приредбата ја раководеа наставниците по македонски јазик Соња Деловска, Марија Ангелеска, Катерина Зулумовска и Лилјана Средојевиќ. На свечениот настан присуствуваа голем број родители, ученици и гости кои беа воодушевени од умешноста на учениците во драматизациите со говорење на дијалектите, пеење на народни песни, танцување и рецитирање на позната македонска поезија.