Во организација на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, а со поддршка на Општина Карпош, денеска во спортската сала на ООУ „Војдан Чернодрински“ се одржува настанот – „Олимписки ден“. Овој настан е дел од глобалната Олимписка програма и има за цел да го прослави Олимпиското движење, да ги промовира олимписките вредности – извонредност, пријателство и почит, а воедно и да ја инспирира заедницата кон активен и здрав живот. Отворањето на овој значаен спортски и олимписки ден го означија градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски и претседателот на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, Даниел Димевски.

 Во оваа пригода, градоначалникот Лукровски изјави дека општината ќе продолжи да инвестира и да го поддржува спортот и младите, здравјето и олимписките вредности затоа што спортската култура подразбира активен и здрав живот кој што е од огромно значење за децата од училишна возраст. Претседателот на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија, Димевски, изјави дека покрај досегашните спортски активности, предвидуваат воведување на нови проекти за афирмација на олимпискиот спорт во Карпош затоа што олимпизмот е повеќе од спорт, тоа е движење, етика, дружење, почитување. Токму затоа, во своето работење, тие се залагаат за воведување на спортот и во секојдневната едукација на децата од најмалата возраст.

 

Реализацијата на денeшниот настан предвидува ревијални натпревари во фудбал, одбојка и кошарка кои  ќе се одвиваат помеѓу училишните екипи од ООУ „Војдан Чернодрински“, ООУ „Вера Циривири“ и ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“. За одржување на овие спортски натпревари, Олимпискиот Комитет на Северна Македонија ја обезбеди основната спортска опрема како чин за солидарен придонес кон подобрување на условите за спорт и рекреација. Воедно, дел од денешниот настан е и ликовната изложба на учениците од ООУ „Војдан Чернодрински“ кои твореа на тема: „Олимпизам, фер плеј, мир и пријателство“.

Во текот на денот, од страна на Олимпискиот Комитет на Северна Македонија ќе биде спроведенa и Олимписка едукација за спортски менаџмент и истата ќе биде наменета за сите спортски работници од општината, наставници, тренери,  реализаторите на спорски клубови и на училишни спортски клубови.

Општина Карпош останува да биде силен партнер на олимпиското семејство и во таа насока ќе се залага за воведување на  олимпизмот во рамки на образовниот систем во општинските основни училишта.