Во организација на Одделението за образование на Општина Карпош, денеска во административната зграда на локалната самоуправа беше одбележан претстојниот Светски ден на наставникот 5-ти октомври. Во рамки на свечената манифестација присуствуваа наставниците и стручните соработници од десетте основни училишта на територија на Карпош, како и градоначалникот, Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода, првиот човек на локалната самоуправа истакна дека наставникот не е личност којшто само ја предава лекцијата, туку пред сè тој е човекот кој го формира карактерот на младите луѓе.

  • Изминатиот период вложивме околу осум и пол милиони евра во училиштата, за плаќања на режиски трошоци и реконструкции на некои училишта. Се потрудивме да ја подобриме наставата максимално колку што можеме и ќе продолжиме во таа насока. И понатаму ќе поставуваме фотоволтаици на училиштата за да заштедиме електрична енергија. На тој начин, заштедената ефтина струја ќе можете да ја продавате, а средствата да ги  вложувате во подобрување на образовните услови. Во наредниот период би сакал да разговарам со вас во насока на обезбедување на подобри услови за децата со попреченост, кои учат во нашите училишта. Во насока на осовременување на едукативниот процес, ние секогаш ќе ги поддржуваме учениците и наставниците и ќе создаваме подобри услови за вашето функционирање – додаде Јакимовски.

                Во знак на почит, првиот човек на Општината додели благодарници  на 38 наставници и стручни соработници, за нивниот особен придонес во воспитно – образовната работа во училиштата и афирмација на општина Карпош.