ОДБЕЛЕЖАН ГОЛЕМИОТ ВЕРСКИ ПРАЗНИК СВЕТИ АТАНАСИЈ
- јануари 31, 2016
- 0
Со зурли и тапани, ова утро, беше означено прославувањето на големиот верски празник „Свети Атанасиј Велики“. Жителите на Влае во голем број се собраа заедно да ја проследат свечената литургија, со осветување на водата и храната и прогласувањето на новите кумови за наредната година, а тоа се Зоран Јаневски, Томе Теовски и Славе Велјановски. Овогодинешната кума, Рада Божиновска посака здравје за сите, среќа и љубов на овој голем празник, како што рече таа, празник на љубовта.
За прв пат оваа година, беше формирано Здружението за негување на верски и народни обичаи „Св. Атанасиј Велики“, а избраниот претседател, Славе Велјановски образложи за тоа која е целта на Здружението.
–Денес, во чест на празникот Св. Атанасиј Велики, се формираше Здружение преку кое ќе може да се организираат сите верски и народни обичаи, кои се случуваат во кругот на населбата Влае. Здружението ќе организира верски настани и ќе се грижи кај секој граѓанин да го наметне духовното и да најдеме начин како повеќе да се дружиме и да ги поминуваме празниците заедно. Иницијативата за вакво Здружение е на сите граѓани од наслебата Влае.
По свечената литургија, се сервираше Славска софра, со познатата „Влаевска чорба“, а попладне на празничната програма следи забавниот дел, каде групата „Акапулко“ ќе ги забавува Влаевчани и ќе имаат можност да се послужат и со топли напитоци и греано вино.
По повод традиционалното одбележување на христијанскиот празник, денеска на богата трпеза се гостуваа и се дружеа и граѓаните во Злокуќани и во Бардовци.