ОБУКА ЗА ТРЕНЕРИ ЗА БАДМИНТОН ВО ОПШТИНА КАРПОШ
- мај 16, 2018
- 0
Општина Карпош, преку Одделението за спорт, во соработка со Бадминтон федерацијата на Македонија, организира бесплатен семинар за тренери, кои после успешно завршената обука ќе се стекнат со сертификат од БФМ BASIC LEVEL. На обуката може да се пријават сите граѓани на Карпош кои во моментов студираат или имаат завршено на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Целта на обуката е да се зајакнат капацитетите и вештините на спортските работници кои сакаат да пренесуваат знаење и вештини за бадминтонот, како спорт кој треба дополнително да се развива во нашата средина.
Обуката на тренери е предвидена да биде во период од 18 до 22 јуни, 2018 година, од 09:00 до 12:00 часот, во една од спортските сали на училиштата во Карпош (дополнително ќе известиме во која сала ќе се вршат обуките). На обуката ќе учествуваат и наставници по физичко образование од основните училишта на територија на Општина Карпош.
Заинтересираните може да се пријават за обуката на телефонот 078 – 336 – 017 (контакт лице Горан Тасевски).