НОВ ОБЈЕКТ НА ГРАДИНКА ВО БАРДОВЦИ
- јуни 13, 2019
- 0
Во Бардовци, Општина Карпош почна, да работи новиот објект на градинката „Распеана младост“, клонот „Виножито“. Станува збор за проект кој е финансиран од Европската Унија, спроведуван преку Светска Банка, а со учество и на Општина Карпош, Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика.
Градинката е на површина од 465 метри квадратни и со капацитет за згрижување на 78 деца. Дечињата од Бардовци и од овој реон на Карпош ќе имаат можност да бидат згрижени во подобри услови, со нови дидактички материјали и еко – играчки.
При денешната посета, градоначалникот Стефан Богоев посочи дека Општината опстојува на определбата за развој на периферните делови на Карпош, а овој капитален проект е потврда за тоа:
– Ова е втор нов објект на градинка за краток временски период во Карпош, имајќи предвид дека во декември 2018 го отворивме и новиот објект „Јасмин“, во состав на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 2. Нашата намера е да се зголеми опфатотот на деца кои одат во предучилишно образование, рече Богоев.
Министерот за финансии, Драган Тевдовски посочи дека Владата на Република Северна Македонија за 300 насто ги зголемила средствата за вложување во градинки. Тевдовски го поздрави учеството на Општината за финансирањето на овој значаен проект, со кои се подобруваат локалните услуги и се зајакнува детската заштита.
За новиот објект „Виножито“ добиен е грант од Светска Банка од 120.000 евра, а Општина Карпош учествуваше со 321.957 евра буџетски средства.