НЕГА, ГРИЖА И СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА ЗА СТАРИТЕ ЛИЦА ВО КАРПОШ
- октомври 1, 2021
- 0
Општина Карпош на сите повозрасни граѓани им го честита 1. октомври – Меѓународниот ден на стари лица.
Карпош е општина со најголем број на возрасни жители. Денеска се потсетуваме дека емпатијата и поддршката за овие лица треба да биде секојдневна.
Годинешната тема по повод овој ден е: „Дигитална еднаквост за сите генерации“, што подразбира пристап и учество на повозрасните во дигиталниот свет и користење на дигиталните алатки.
Локалната самоуправа континуирано се грижи за да обезбеди подостоинствена старост за своите сограѓани. Од неодамна, функционира и проектот за домашни посети – грижа и нега во домот, кој општината го спроведува во соработка со Црвениот крст. Имено, изнемоштените лица над 65 години и граѓаните со попреченост добиваат нега во нивниот дом (медицинска поддршка, давање терапија, вршење на дневни работи).
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев им го честита Меѓународниот ден на старите лица при што во својата честитка пишува:
- Иако делува далечно, староста сите нè очекува. Таа е нормален период од нашите животи и треба да бидеме среќни што сме ја дочекале.Кога ќе ставаме етикета: „стар е, врска нема“, да се потсетиме и на нашите баби и дедовци. На оние кои не исчувале, но и на големиот број на интелектуалци, кои и на поодминати години имаат попрогресивна мисла од многумина млади „експерти“. Да се грижиме и да обезбедиме поспокојни денови за највозрасните наши сограѓани, пишува Богоев во својата честитка.