НАСТАВНИЧКА ОД КАРПОШ 4 ПРОГЛАСЕНА ЗА ПРОСВЕТЕН РАБОТНИК НА ГРАД СКОПЈЕ
- декември 10, 2025
- 0
Предметната наставничка по англиски јазик Александра Митровска од ООУ „Петар Поп Арсов“ е прогласена за просветен работник на годината за учебната 2024-2025 година. Наставничката Митровска го доби ова престижно признание минатата недела, во рамки на традиционалната манифестација „Просветен работник на годината на Град Скопје“, која ја организира Здружението на просветни работници на Град Скопје во соработка со Град Скопје. Оваа манифестација претставува едно од најзначајните признанија за трудот, резултатите и професионалната посветеност на наставниците од основното и средното образование во нашиот главен град.
Во текот на настанот беа доделени признанија во пет категории, при што беа одбрани најистакнатите и најпосветените наставници. Во случајов, Александра Митровска е препознаена по својата исклучителна професионалност, современи наставни практики, целосна посветеност кон учениците и неуморна работа во унапредување на наставниот процес. Нејзиниот ентузијазам, креативност и поддршка која секојдневно им ја дава на основците се пример за врвен наставник и вистински мотиватор.









