НАГРАДНО ЛЕТУВАЊЕ ЗА ДРЖАВНИТЕ ПРВАЦИ ВО ФУТСАЛ
- јуни 3, 2025
- 0
Советот на Општина Карпош ја одржа 66-тата седница, во чии рамки советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 15 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока беше изгласана Предлог – Одлуката за наградување со екскурзија – патување во детски камп Каливас (Грција), на училишната спортска екипа на ООУ „Петар Поп Арсов“ во футсал (момчиња) за освоено прво место на национално првенство во училишен спорт. Имено, основците од Карпош постигнаа голем успех освојувајќи го победничкиот пехар при што се промовираа во државни прваци во футсал, на малите олимписки игри кои се одржаа кон средина на мај годинава во Кочани и Делчево, во организација на Федерацијата за училишен спорт на Македонија.
Советниците дадоа поддршка за изменетата и дополнета Програма од областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2025 година. Станува збор за одржување на постоечкото јавно осветлување на територијата на општината, каде во потточката со наслов „Поправки, одржување и реконструкција на јавното осветлување” финансискиот износ од 3.000.000 денари се заменува со износот 7.000.000 денари. Потребната поддршка ја доби и Предлог – Програмата за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на подрачјето на општина Карпош за 2025 година. Измени и дополнување ќе има и Програмата за активностите на Општината во областа на образованието за 2025 година. Имено, финансиската поддршка за проекти од областа на образованието се менува во делот на предвидениот финансиски износ, на кој се додаваат 250.000 денари при што вкупната финансиска рамка сега изнесува 750.000 денари.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Одлуката за суспензија на одредени делови од ДУП-от З 08, (бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8 ми Септември). Со оваа Одлука се суспендираaат од применување, градежните парцели: 1.48, 1.49; 1.53 и 2.1 од Детален урбанистички план за Градска четврт З 08, (бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8 ми Септември). Со суспендираните делови од деталниот урбанистички план се штити јавниот интерес кој е приоритетен и за јавниот интерес се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките изработување, донесување,
спроведување на урбанистичките планови.
Советниците дадоа „зелено светло“ за Предлог – Одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година. Во случајов, измените се вршат во колоната на Буџет во програмата ФАО –Уредување на градежно земјиште (капитални расходи), на конто Надомест на одземен имот во износ од 9.000.000 денари, а средствата се намалуваат поради тоа што со Буџетот се предвидени повеќе средства. Со Одлуката се зголемуваат средствата во програма ГДО-Проекти за енергетска ефикасност во износ од 2.000.000 денари, за да се обезбедат дополнителни средства за исплата на субвенции за покриви и лифтови. Исто така ќе се зголемат и финансиските средства во програмата Ј30-Јавно осветлување за износ од 4.000.000 денари, за да се обезбедат финансии кои се наменети за одржување на јавното осветлувањево Карпош. Зголемување на средствата бележи и програмата Н10 – Основно образование во износ од 250.000 денари, а средствата се наменети за ООУ „Петар Поп Арсов“ кои се нивни сопствени приходи, остварени од закуп на градинката. Зголемени се и средствата на конто Други трансфери во износ од 250.000 денари, кои се наменети за финансиска поддршка на проектот во чии рамки функционира Канцеларијата за родителство во ООУ „Јан Амос Коменски“.. За дополнителни 2.500.000 денари се зголемуваат средствата од програмата ЛАО – Спорт и рекреација (капитални расходи) кои ќе бидат наменети за реконструкција на детски игралишта на територија на локалната самоуправа. Во истата програма се прават измени со кои се додаваат 307.000 денари, од контото Други трансфери. Овие средства се префрлаат на контото Патување во странство/сместување, со кои ќе бидат покриени трошоците за наградното летување кое Општина Карпош им го обезбеди на основците од „Петар Поп Арсов“, кои неодамна го освоија првото место на државното првенство во футсал.
Со поддршка од Советот ќе биде поништена Одлука за изведба на рампа на влезот во паркингот на ЈЗУ Универзитетски институт за позитронско емисиона томографија. Во образложението на оваа Одлука се наведува дека причините за донесување на истата е што Општина Карпош не доби согласност за изведба на рампата од ЈЗУ Градска општа болница „8-ми септември„- Скопје.
Со истата динамика беше поддржана и Одлуката за донесување на Урбанистички проект со план за парцелација за формирање на две градежни
парцели со намена А1 – домување во куќи и инфраструктура со намена Е1.1 – сообраќајни патни инфраструктури од ГП 3.03.1.15 со намена А1 – домување во станбени куќи, согласно ДУП за Градска четврт 3.03.
По обраќањето на градоначалникот Стевчо Јакимовски пред членовите на Советот, со мнозинство гласови беше усвоена информацијата во однос на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ – Партизан. Имено, според основани индиции постои голема веројатност Генералниот Секретаријат на Владата на Република Македонија деновиве да донесе Одлука, со која ќе и бидат одземени од владение на Општина Карпош, спортската сала Партизан и базенот кој се гради во рамки на спортскиот објект. Во случајов, советниците од Карпош најостро се противат на оваа Одлука со оглед на тоа што пред неколку години, локалната самоуправа ја доби правната битка за владение на „Партизан“. Притоа и самата Општина одвои значителни парични средства од својот буџет, за функционирање на овој култен спортски објект кој е од големо значење за карпошани.
По образложението на првиот човек на Општината, советниците постигнаа мнозински консензус и околу информацијата во однос на поставување на урбаната опрема на територија на Карпош. Притоа, Советот и општинската администрација треба да изнајдат соодветно решение за постапување во согласност со позитивните законски прописи, во однос на деловните објекти кои непрописно ја поставиле урбаната опрема. Предвидено е оваа постапка да се одвива во три фази, од кои во првата ќе се интервенира кај деловните објекти кои поставиле урбана опрема на премин и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Во втората фаза ќе се реагира кај деловните објекти, кои ја поставиле својата урбана опрема на поголема површина од онаа која е пропишана во елаборатот кој го поседуваат. Во третата фаза пак, општинските стручни служби би интервенирале кај деловните објекти кои немаат одобренија за поставување на урбана опрема.
На денешната седница, советниците го поддржаа и предлогот за реализирање на иницијативата за збратимување на општина Карпош со локалната самоуправа Живинице (БиХ).