ПОВЕЌЕНАМЕНСКО СПОРТСКО ИГРАЛИШТЕ ВО СТУДЕНТСКИОТ ДОМ „ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ“
- декември 23, 2025
- 0
Градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски и директорот на Државниот студентски дом-Скопје, присуствуваа на отворањето на реконструираното повеќенаменско игралиште-спортски центар во студентскиот дом „Гоце Делчев“, во населбата Тафталиџе .
- „Извршена е комплетна санација и реконструкција на просторот за спорт и спортски активности, во состав на студентскиот дом „Гоце Делчев“ во општина Карпош . Студентите отсега ќе имаат на располагање за користење и рекреакција современо уредени игралишта за фудбал и за кошарка со полипропиленски под. Оваа реконструкција е изведена во две фази, а целата инвестиција на проектот изнесува околу 4 милиони денари“ – нагласи првиот човек на Општината, Сотир Лукровски.
Министерот за спорт Борко Ристовски, истакна дека станува збор за проект во рамките на програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ земјата и дека ресорното министерство и во иднина, ќе вложува и ќе финансира во вакви проекти се со цел да се подобри постојната и да се изгради нова спортска инфраструктура со што значително ќе се подобрат условите за спортување.
- „Заедно со градоначалникот Лукровски го реализиравме овој проект со што значително ќе се подобри инфраструктурата на ова спортско игралиште во состав на студентскиот дом „ Гоце Делчев“. Секако , приоритет за ползување на истото, ќе имаат студентите од овој студентски дом, но и сите карпошани. Затоа, јас како министер и ние како министерство и во иднина постојано ќе се заложуваме и ќе инвестираме во подобрување на условите за спортските активности кај нас, се разбира и во Општина Карпош“ – нагласи министерот Ристовски.
Директорот на Државниот студентски дом-Скопје, Александар Каровски, потенцираше дека овој простор од запуштено и со години нереновирано игралиште, прераснува во спортски мултимедијален комплекс , кој најмногу ќе го користат студентите од студентскиот дом „Гоце Делчев“.
- „Морам да го нагласам моето големо задоволство, што ова игралиште, прераснува во ваков прекрасен повеќенаменски комплекс, и сум среќен што во соработка со министерот Ристовски и градоначалникот на Карпош Сотир Лукровски, го реализиравме овој проект“ – нагласи директорот Каровски.
Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски и министерот за спорт Борко Ристовски, заеднички се согласија дека успешната соработка меѓу локалната самоуправа и ресорното министерство ќе продолжи и во иднина, со тоа што ќе се работи на подобрување на севкупната спортска инфраструктурна мрежа на територијата на Општината.









