МЕЃУНАРОДНА РАЗМЕНА НА ОБРАЗОВНИ ИСКУСТВА
- септември 24, 2025
- 0
Во насока на развивање на меѓусебната соработка помеѓу збратимените општини Карпош и Тиват, претставници од основните училишта „Петар Поп Арсов“ и „Димо Хаџи Димов“, деновиве остварија тридневна работна посета кај своите црногорски колеги и соученици од ОШ „Драго Миловиќ“. Во оваа пригода домаќините од Тиват подготвија топол пречек, при што основците ги запознаа карпошани со тамошниот воспитно-образовниот процес. Согласно Меморандумот за соработка кој го склучија овие три основни училишта, во рамки на посетата беа разменети драгоцени искуства, едукативни практики и меѓусебни пријателства. Оттука, наставниците имаа можност да следат часови во прво и петто одделение со примена на НТЦ систем на учење (преку развој на моторички и когнитивни способности), а стручните служби на училиштата споделија корисни практики од својата работа. Училишниот координатор од Тиват одржа работилница за спроведени ЕКО активности, додека пак тимот од Карпош го презентираа курикулумот и прирачникот создадени во рамки на европскиот проект ТУДЕК – Креирање на ЕКО градови преку апсајклинг (користење на стари отпадни предмети, за да се создаде нешто ново).
Во таа насока беа споделени конкретни креативни идеи и методи, од областа на екологијата и уметноста. Посебно впечатлива беше работилницата „Патот на храбрите“, која ја реализираа третоодделенците во соработка со училишниот психолог. Во текот на посетата, фокусот беше насочен кон запознавање со богатото културно наследство на Црна Гора. Пред сé оваа работна средба беше особено значајна заради размена на драгоцени едукативни искуства, како и продлабочување на пријателските врски меѓу збратимените општини и училишта.