МЕЃУНАРОДНА ЕКСКУРЗИЈА ЗА НАЈДОБРИТЕ УЧЕНИЦИ – СПОРТИСТИ ОД КАРПОШ
- мај 15, 2025
- 0
Во рамки на 65-тата седница која се одржа во амфитеатарот на Универзитетот Скопје, советниците од Карпош расправаа и полноважно одлучуваа по 22 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока, широка поддршка доби Предлог – Одлуката според која Општина Карпош обезбеди наградно летување во детскиот камп „Каливас“ во соседна Грција, за победничките училишни екипи во фудбал, кошарка и одбојка- (девојчиња), како и за индивидуално прогласените основци – спортисти кои постигнаа најдобар успех на овогодинешните училишни спортски лиги – Карпош 2025.
Со одлука на Советот, локалната самоуправа ќе додели вкупно 19 парични награди на професорите – тренери по физичко образование, како и на индивидуално прогласените ученици – спортисти за постигнатиот успех во рамки на училишните спортски лиги – Карпош 2025. Имено, деветмина професори чија екипа во фудбал, одбојка и кошарка има освоено едно од трите најдобри позиции во годинешниве училишните спортски лиги, ќе добијат еднократна финансиска награда од Општина Карпош. Поточно, за освоено прво место, тројца професори ќе добијат 8.000 денари, другите тројца чија екипа го освои второто место ќе добијат 6.000 денари, додека пак останатите тројца професори чија екипа ја зазеде третата позиција во фудбал, кошарка и одбојка, ќе бидат наградени со 5.000 денари. Десет основци од Карпош кои беа прогласени за најдобри спортисти во училишните лиги, исто така ќе бидат парично наградени со 6.000 денари.
Мнозинството советници го дадоа својот глас за Предлог – Правилникот за еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација, со кој се уредуваат условите, начинот, критериумите и постапката според кои Општината ќе ги распределува финансиските средства за таа намена. Финансиската поддршка се доделува по пат на јавен повик кој го распишува Комисијата за еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација, чии корисници се спортски клубови од подрачјето на општина Карпош. Според Правилников се предвидува и доделување на стипендии за талентирани спортисти – жители на Карпош кои учат во VIII и IX одделение. Вкупната предвидена финансиска рамка која е обезбедена од буџетот на Општината за 2025 година изнесува 1.000.000 денари. Во случајов, максималниот износ за еднократна финансиска поддршка кој може Комисијата да го предложи е лимитиран до 30.000 денари. Исто така, со оваа Програма ќе се финансираат и здруженија на граѓани со основна дејност спорт и рекреација, кои во оваа област се регистрирани најмалку три години на територијата на локалната самоуправа.
Со истата динамика беше изгласан и Правилникот за финансиска поддршка на спортски клубови од подрачјето на општина Карпош. Оттука, клубовите кои немаат сениорски тимови а работат со млади категории и притоа имаат соодветни спортски постигнувања, Комисијата за еднократна финансиска поддршка за нив може да одобри максимален паричен износ во висина до 60.000 денари.
Советот ја изгласа и Предлог – Одлуката за давање на согласнот за издавање под закуп на Спортско адреналински парк-Карпош. Станува збор за објект со вкупна површина од 1.600 м2, кој се издава под закуп за вршење на дејност за која е наменет за период најмногу до 5 години, во согласност со закон. Притоа закупнината треба да се исплаќа девет месеци во годината (од март до ноември), а останатиот период, закупецот е должен да ги подмирува трошоците за одржување на објектот.
Советниците дадоа „зелено светло“ за користење повеќенаменската сала, која е дел од култниот спортски објект „Партизан“ во Карпош 3. Термините за користење на салата се распоредени од понеделник до сабота со почеток од 8 до 23 часот, при што во недела и за државни празници салата нема да работи. Просторот ќе се користи исклучиво според утврден распоред на термини, од каде еден термин ќе трае 75 минути. Висината на надоместокот за користење е утврдена во зависност од временскиот период кога ќе се користи салата. Имено, во термините од 08:00 до 11:45 часот, надоместокот ќе изнесува 1.300 денари. Од 11:45 до 15:30 часот термините ќе чинат 1.500 денари. Во периодот од 15:30 часот до 19:15 часот изнајмување на термин ќе чини 2.000 денари, а од 19:15 до 23:00 часот за користење на салата ќе се наплаќа по 2.400 денари од термин. Термините се доделуваат во времетраење од една година, од денот на потпишување на договорот. Истите правила и критериуми ќе важат и за користење на малата сала во рамки на спортскиот објект „Партизан“. Советот даде согласност за издавање под закуп на кафетеријата и салата на првиот кат, кои се составен дел од спортска сала „Наум Наумовски Борче“ – Партизан. Станува збор за изнајмување на кафетерија и сала со вкупна внатрешна површина од 225 м2 (175 м2 сала и 50 м2 кафетерија). Висината на месечната закупнина на кафетерија и салата ќе изнесува 54.500 денари почетна цена, при што основен критериум за избор на најповолен наддавач ќе биде највисоката понудена месечна закупнина.
Советниците ја поддржаа Одлуката за отстапување на просторија во рамки на спортската сала „Партизан“, на Меѓународното здружение на граѓани „Културно Ехо-Скопје’’. Во случајов, оваа невладина организација која допринесува за развојот на спортот и културата во Карпош може да ги користи просториите најмногу во период од 5 години, при што се ослободува од плаќање на надоместок.
Советот ја поддржа измената и дополната во Програма за активностите на Општина Карпош за 2025 година, во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на РСМ. Со измените во Програмата се создаваат реални услови да се обезбедат повеќе паркинг места на барање на постојното население. Општината тоа ќе го стори преку продажба на градежното неизградено земјиште предвидено со намена Е2-Комунална супраструктура, со што ќе можат да се задоволат потребите на локалното население.
Мнозинството советници гласаше за измени и дополнување на Програмата во областа на информатичката технологија за 2025 година. Со измените во рамки на оваа Програма се додаваат 400.000 денари, за набавка на софтвер за транскрипција на седниците на Советот на Општина Карпош.
По деталната презентација на стручните служби од Секторот за финансиски прашања беше усвоен Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош, за првиот квартал за 2025 година. Во него се прикажани вкупните приходи кои се планирани со овогодинешниот Буџет во износ од 1.587.617.000 денари, додека пак реализираните приходи за првиот квартал изнесуваат 361.008.972 денари. Планираните Општински приходи изнесуваат 803.537.000 денари, при што во првиот квартал е остварена реализација на приходите во висина од 186.755.409 денари.
Советниците постигнаа консензус околу донесување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 09 (опфат помеѓу бул. Партизански одреди, ул. Франклин Рузвелт, бул. Митрополит Тедосиј Гологанов и бул. 8-ми Септември). Станува збор за просторна површина која се уредува со планска документација со урбан опфат П= 43,98 ха. Веднаш потоа беше усвоен и Предлог – Заклучокот за задолжување на Секторот за урбанизам од Општина Карпош, во врска со стручниот елаборат за суспензија на делови од ДУП-от З 09. Имено со овој Заклучок, Советот на Општина Карпош го задолжува Секторот за урбанизам при Општина Карпош, да НЕ издава акти за сите градежни парцели со намена А2 – (домување во станбени згради) од ДУП-от З 09, додека не добие мислење од Министерство за транспорт и врски за суспензија на применувањето на горенаведените парцели. Во случајов, Советот на Општина Карпош го задолжува Секторот за урбанизам, да го достави изготвениот стручен елаборат со Барање, за давање мислење за суспензија на делови од гореспоменатиот ДУП до Министерство за транспорт и врски.
Потребно мнозинство доби и Предлог – Одлуката за давање на согласност за доделување на пластични канти од 120 литри, за селекција на отпад на домаќинства кои живеат на територија на Карпош. Доделувањето на пластичните канти ќе се изврши по пат на јавен повик. Советниците ја поддржаа и Предлог – Одлуката за отстапување на објектот во сопственост на Општина Карпош со површина од 80 м2 кој се наоѓа на ул. Фјодор Достоевски (У.З. Влае 1), за пренамена во Дневен центар за лица со попреченост. Советниците го изгласаа Решението за изменување и дополнување на Решението на Годишниот план за вработување за 2025 година во Општина Карпош.