МЕЃУНАРОДЕН УСПЕХ НА УЧЕНИЦИТЕ ОД „ЛАЗО ТРПОВСКИ“
- јануари 29, 2016
- 0
Тројца основци од ООУ „Лазо Трповски“ – општина Карпош, денеска официјално ги добија пофалниците за пласман во финалето на 8. Меѓународен училиштен литературен натпревар кој се одржа во Берлин, Германија, на тема „Аладин, волшебната ламба и јас“. Сара Поповска и Клара Блинков, со своите ликовни творби и Томислав Јовановски, со стихувана лична творба, се најдоа меѓу 150 најдобри ученици, од вкупно 1.500 основци, од осум европски земји: Германија, Австрија, Швајцарија, Франција, Италија, Хрватска, Полска и Македонија.
Двајцата наставници од ООУ „Лазо Трповски“, Соња Јовановска и Стефан Симовски, во својство на координатори и ментори, исто така добија пофалници за својот ангажман. Натпреварот што го организира „Германскиот центар за сказни“ од Берлин, традиционално се одржува во рамки на манифестацијата „Берлински денови на сказните“, во соработка со Министерствата за образование на Германија, Австрија и Швајцарија.
Во своето писмено обраќање до финалистите од ООУ „Лазо Трповски“, раководителката на проектот, Биргит Маршал, изрази благодарност за учеството на овој реномиран меѓународен натпревар.
– „Се надеваме дека уживавте додека ги пишувавте личните творби и ги цртавте илустрациите. Затоа, не треба да се разочарувате што не сте меѓу дванаесетте првопласирани, бидејќи, сепак добивате соодветно признание за вашиот креативен потенцијал од страна на стручното жири во кое имаше претставници од Министерствата за образование “ – посочи Биргит Маршал.