ТРЕТА СЕДНИЦА НА ЛОКАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА ВО КАРПОШ

Мерките кои Општина Карпош ги презема на локално ниво за намалување на последиците од Ковид – 19, претстојната учебна година и безбедноста во населбите, беа главни теми на дискусија на третата седница на Локалниот совет за превенција. Ова  тело кое е составено од градоначалникот, претседателот на Совет, советници, како и од претставници од полицијата, јавното обвинителство и од други државни институции и организации, а  е задолжено за следење на безбедносната состојба во опшината.

Имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата, на денешната седница присуствуваа и сите директори на општинските основни училишта, претседателите на родителски совети, како и претставници од агенциите за обезбедување на овие установи.

Градоначалникот Стефан Богоев даде осврт на работата на Општинскиот кризен штаб, која се однесува на постојаната дезинфекција на улици, на влезовите од згради, училиштата и градинките, давањето на известувања до компаниите за работа во полициски час, иницирањето на е – настава во основните училишта и сл.

  • Сепак, денеска ни е потребен посериозен, интегриран систем на учење, во специфични услови. којшто, се надевам, дека ќе биде испорачан од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

Во овие моменти, општинските служби прават проверка по основните училишта колку лап – топ компјутери ќе бидат потребни и со каква интернет врска располагаат училиштата за следење на наставата. Исто така, работиме и на повеќе реконструкции во образовните установи, сé со цел подготвени да ја пречекаме учебната година, рече Богоев.

Градоначалникот посебно се осврна на фактот на континуирано уништување на урбаната опрема во Карпош. Станува збор за свесно кршење на реквизити на детски игралишта, како и клупи и корпи за отпадоци. Тој го искористи присуството на  претставници од Полициската станица – Карпош и СВР Скопје да побара и почести патроли и контроли по маалските платоа и паркови, особено во вечерните часови.

Претставникот од СВР Скопје Ристо Јовановски, најави формирање на мешовити патроли, кои ќе бидат оставени од претставници од училиштата, родителските совети, учениците и општината. Тие ќе имаат задача да  патролираат по детските игралишта, парковите и да прават проверка како се користат овие рекреативни зони.

На денешната седница се обрати и претседателот на Совет на Општина Карпош, Андреј Манолев. Тој посочи на фактот дека Советот целосно се адаптираше на новото време и четири седници веќе се одржани online.

  • Меѓудругото, сакам да ја истакнам добрата и продуктивна соработка меѓу власта и опозицијата на локално ниво, која е особено значајна за граѓаните во ек на пандемијата, рече Манолев.

Во интерактивниот дел од седницата на Советот за превенција се вклучија и дел од претставниците на родителите, советниците, полицијата.

Се зборуваше и за девијантното однесување на младите, но и на сите граѓани. Социјалните мрежи се реалност, од нив може да се поттикне девијантно однесување, но потребно е правилно и паметно да се користат. Затоа, беше истакна потребата од простор за креативно изразување на младите луѓе. Градоначалникот Богоев ги повика сите училишта (кои до овој момент не направиле), да креираат отворени еко – училници каде сепоттикнува соработката наставник-родител-дете..

  • Општината ќе помогне со материјали, бои за отворените училници, но важно е да се вклучат и учениците. Кога нешто сами ќе го создадат, ќе станат и поодговорни за да го чуваат и унапредат, истакна Богоев.

Претставничката од СВР Скопје напомена дека спроведуваат посебни обуки за своите полициски службеници, за градење на подобар однос со граѓаните. Нивната цел е авторитетот да го стекнат без употреба на сила и репресија, а за тоа е потребна поддршка од целата заедница.

 

Трета седница на локалниот совет за превенција во Карпош