МАЛИТЕ КАРПОШАНИ ШИРАТ “ЉУБОВ ЗА КАРПОШ“ НА ГРАДСКАТА АПРИЛИЈАДА
- април 1, 2026
- 0
По повод педесетгодишниот јубилеен роденден од формирањето на Општина Карпош, вкупно 50 деца од сите основни училишта на територијата на општината, учествуваат во групната маска со костим-срце – „Со љубов од Карпош“, на традиционалната градска манифестација, организирана од Детскиот културен центар „Карпош“,а под покровителство на Град Скопје по повод 1 Април- Денот на шегата. Пред да заминат на централната манифестација, градоначалникот Сотир Лукровски, ги поздрави основците од училиштата во Карпош, им посака многу среќа во презентацијата на маската и истакна дека образованието на младите карпошани е важен фактор во изградбата на нивната личност и дека Општината и понатаму ќе инвестира во образованието како важен сегмент од развојот на локалната самоуправа.
-Ми претставува огромна чест и задоволство што денеска, токму вие, сте ни гости во нашата општинска зграда и јас како домаќин ви посакувам многу среќа, радост и успех при презентацијата на заедничката маска, која ја претставува нашата Општина Карпош на дефилето оваа година, по повод денот на шегата- Први Април. Вие, нашите најмлади жители, основци од Карпош, сте нашата сила и енергија. Вие ни ја давате и мотивацијата Општина Карпош да ја водиме просперитетно и да ја направиме развиено и убаво место за живеење, – истакна првиот човек на локалната самоуправа, Сотир Лукровски.
Оваа традиционална манифестација „Априлијада“ е наменета за децата, родителите и пошироката јавност и има за цел да ја поттикне детската креативност, уметничкиот израз и духот на сплотеноста, шегата и дружењето.









