МАКЕДОНСКАТА СТРЕЛАЧКА ФЕДЕРАЦИЈА ЌЕ ФУНКЦИОНИРА ВО РАМКИ НА СПОРТСКАТА САЛА „ПАРТИЗАН“
- декември 2, 2024
- 0
Во амфитеатарот на Универзитетот Скопје, советниците од Општина Карпош ја одржаа 57-мата седница каде расправаа и полноправно одлучуваа по 17 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Со мнозинство гласови од советниците беше изгласана Одлуката со која Општина Карпош ќе и ги отстапи на Македонската Спортска Стрелачка Федерација (МССФ), дел од просториите во состав на спортската сала „Наум Наумовски Борче“ или популарниот „Партизан“, кој се наоѓа во населбата Карпош 4.
Станува збор за предметна недвижност која се наоѓа во подрумските простории на спортскиот објект, која се дава на времено користење за период од 10 години без никаков надоместок. Во овој случај МССФ се обврзува комплетно да го опреми подрумскиот простор за спортско стрелаштво, по потреба да инвестира во просторот, редовно да ги подмирува сите трошоци за одржување, како и да ги подмирува режиските трошоци кои произлегуваат од користењето на просторот.
Поточно, Стрелачката Федерација ќе го опреми просторот кој ќе биде наменет исклучиво за спортско стрелаштво со најнови и современи пултови, носачи на мети, електронски мети и заштитни табли, инсталација на две климатски единици за ладење и греење на просторот, како и монтажа на контролно броило за електрична енергија и водомерно броило за потребите на спортското стрелаштво. Оваа практика ќе се применува заради одвојување на сметките за електрична енергија и вода, опремување на просториите за складирање и чување на воздушното оружје, (мети и дијаболи со метални ормари), како и одржување и обезбедување на просторот во периодот за кој ќе биде задолжена Македонската Спортска Стрелачка Федерација. Со овој потег се отвора можност салата „Партизан“ да стане национален тренинг центар за државните репрезентативци, членови на клубови и сите рекреативци, односно за граѓаните на општина Карпош, како и сите спортски ентузијасти од нашата држава.
Советот даде поддршка за Предлог – Одлуката со која се одобруваат финансиски средства, како помош на заслужниот граѓанин на локалната самоуправа, Милорад Луковски. Во рамки на денешната седница беше изгласана Предлог – Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на односи со јавноста и информации на граѓаните за 2025 година. Вкупната предвидена финансиска рамка за оваа Програма изнесува 2.965.000 денари, а според истата се планира реализирање на повеќе развојни приоритетни цели и проектни активности, со кои се подобрува транспарентноста на Општината како и двонасочната комуникација со граѓаните. Со истата динамика беше изгласана и Предлог – Програмата за активностите на Општината во областа на месната самоуправа за 2025 година. Финансирањето на активностите утврдени со оваа Програма, ќе бидат поддржани парични средства во висина од 400.000 денари, кои се предвидени со Буџетот на Општина Карпош за 2025 година.
Со поддршка на Советот се одобруваат финансиски средства во висина од 100.000 денари, како помош за санација на опожарена куќа на граѓанин од општина Карпош. Исто така, беше изгласано и Предлог – Решението за именување на претседател и членови на Комисијата за изработка на Програмата за работа на Советот за 2025 година. Според Решението, горенаведената Комисија ќе ја сочинуваат претседателот на Советот, Бранко Ристов, додека пак членови на Комисијата ќе бидат советниците Невена Георгиевска, Александра Антевска, Зоран Краљевски, Мартин Димовски и Славко Митевски.
Советниците дадоа „зелено светло“ и за Предлог – Правилниците за методологија за утврдување на критериуми за распределба на блок дотациите, наменети за сите детски градинки и основни училишта на територија на Општина Карпош за 2025 година.