ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ЌЕ ДОБИЈАТ ЦЕНТАР ЗА ДНЕВЕН ПРЕСТОЈ
- јуни 4, 2025
- 0
Поттикнати од мотото „Заедно сме – се грижиме со срце и одговорност“, градоначалникот Стевчо Јакимовски и м-р Катерина Димова од Здружението „Неуроклиник“ вчера потпишаа договор за меѓусебна соработка. Оттука, Општина Карпош и Здружението за здрав раст и развој на деца, адолесценти и возрасни – „Неуроклиник“ ќе работат заедно на воспоставување на дневен престој за лица со посебни потреби. Инаку, станува збор за проект кој се реализира во рамки на Програмата за подобрување на социјалните услуги, а истиот е поддржан од Министерството за социјална политика, демографија и млади на РСМ и Светска банка.
Во тој поглед, дневниот центар нуди инклузивно и функционално опкружување каде што лицата со попреченост ќе добијат стручна грижа, психосоцијална поддршка, социјализација и развој на животни вештини. Оваа иницијатива претставува вистински исчекор кон едно хумано општество, кое ги препознава и воедно одговара на потребите на граѓаните од сите социјални категории.