КУЛТУРЕН БРАН ЗА ВРАЌАЊЕ НА МААЛСКИОТ ЖИВОТ ВО КАРПОШ
- август 26, 2019
- 0
На платото на „Млечен“, вчеравечер се одржа последната вечер од 40 – то издание на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал (МСФФ), во организација на АКУД „Мирче Ацев“. Овој фестивал се одржува во знак на благодарност кон метрополите и земјите, кои ја покажаа својата хуманост и солидарност кон Градот Скопје, по земјотресот во 1963 година.
На последната вечер учествуваа ансамбли од повеќе држави: Германија, Турција, Унгарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, како и претставници од турскиот дел на Кипар.
Присутните имаа можност да уживаат во различниот фолклор и носии од овие земји, а пред нив, кратко обраќање имаше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
– Мило ми е што вечерва сме на платото на „Млечен“. Тука и јас пораснав и за ова место ме врзуваат убави спомени, маалски живот и дружба. „Римска“, „Атинска“, „Њуделхиска“ се улици кои се именувани во знак на благодарност кон градовите кои помогнале во обновата на Скопје и на нашиот Карпош. Пред нас е и Карпошовото културно лето, кое ќе започне на 29-ти август, четврток, а последната вечер е планирана да се одржи токму на ова место. За една недела, започнува и Меморијалниот турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – СОКОЛ“, кој по неколку години повторно е на спортскиот календар во Карпош. Значи ни претстои КУЛТУРЕН БРАН исполнет со фолклор, поп музика, перформанси за деца и повозрасни, КУЛТУРЕН БРАН за забава и убави моменти за сите генерации, посочи Богоев.
Општина Карпош секоја година го подржува АКУД „Мирче Ацев“, како уметничко друштво кое е регистрирано во Карпош, но, воедбо ги афирмира македонскиот фолклор и култура низ целиот свет.
Локалната самоуправа ги поканува сите граѓани да присуствуваат на претстојните културни и спортски настани. Заедно да придонесеме кон враќање на маалскит живот и меѓугенерациската дружба во Карпош.