Во просториите на ООУ „ Братство“, се одржа финална презентација на проектот „ Кинестетичка училница“ во ракми на Креативниот центар- Карпош. Како што нагласи координаторката на овој проект Билјана Петроњев, од февруари до почетокот на јуни, низ сите основни училишта во Карпош бил спроведен овој проект и резултатите се  многу задоволителни.

–          Морам да изразам големо задоволство што самите ученици, но и наставниците го прифатија како начин на подобрување на наставниот процес. Станува збор за физичка активност, која учениците и наставниците ја практикуваат на часовите, сé со цел да се подобри интересот на учениците, да се задржи фокусот на наставата, и да се подигне мотивацијата на учениците. Токму неколкумесечното практикување на оваа вештина, која масовно се користи во Кина и во земјите од азискиот континент, даде резултати кај учениците и наставниците во карпошовите училишта, потенцираше  координаторката Петроњев.

Координаторот Марко Секуловски, истакна дека на почетокот, кај одредени наставници, но и ученици, имало скепса во однос на практикување на овој метод на работа на часовите, но постепено истиот бил прифатен и резултатите кои денес се постигнати се многу добри.

 

–          Користењето на различните физички активности во училниците, се наменети за подготвување, односно загревање на мозокот преку одредени движења, со цел да се подобри комуникацијата на двете хемисфери на мозокот, имплементирање кратки паузи со цел да се одмори мозокот и консолидирање на информациите, промовирање на физичката активност, подобрување на единството во одделението, сé со цел да се создадат оптимални услови за учење на нови информации, објасни координаторот Секуловски.

 

Овој проект „ Кинестетичка училница“ е прв кој се применува во практична настава во Република Македонија, во сите основни училишта во Карпош. Во пролетната етапа на проектот, беа опфатени ученици од одделенска настава односно од прво до четврто одделение.