КАРПОШ ЈА УСВОИ ПРОГРАМАТА ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ СО ТРИГОДИШЕН АКЦИСКИ ПЛАН
- април 20, 2022
- 0
Во рамки на осмата седница на Советот на Општина Карпош која се одржа во Кинотека на РСМ, советниците расправаа по 26 точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. Во таа насока беше усвоена Програмата за енергетска ефикасност на Општина Карпош (2022 – 2024), со тригодишен акциски план.
Имено, со потпишувањето на „Конвенцијата на градоначалници“ во 2012 година беше прифатено и начелото од конвенцијата 20/20/20 или 20% помала потрошувачка на енергија, 20% обновливи извори на енергија (ОИЕ) до 2020 година. Овие цели се постигнаа до 2018 година, со првата и втората реализирана програма во Општина Карпош. Во тој поглед, третата програма претставува континуитет во реализацијата на активностите на локалната самоуправа од 2008 година, наваму.
Главните цели на оваа програма ги следат стратешките документи и директиви на Европската Унија за декарбонизирана Европа до 2050 година и внесуваат нови искуства во примената на европската пракса кај нас. Насоките на оваа програма се темелат на европската зелена агенда, енергетската транзиција, примената на обновливите извори на енергија, зелената и циркуларната економија и зелени општини и градови. Токму во оваа насока се димензионирани активностите на општината, како логична надоградба на веќе реализираните (над 80) проекти од оваа област.
Оттука, во тригодишниот акциски план на Општина Карпош се резимирани осум главни мерки за енергетска ефикасност. Првата мерка е опфатена со проектот „Мониторинг и управување со енергија во Општина Карпош“, кој претставува нов систем на „бежична“ достава на податоци од секое мерно место во надлежност на општината. Системот ќе може да се следи во секој момент на серверот на општината, но и во обратна насока да се делува на заштеда во реално време. Со функционални 270 броила, се очекува системот да овозможи вкупна заштеда на енергија од дополнителни 10-20% на годишно ниво.
Втората мерка се однесува на замена на котелскиот систем за греење на нафта во ООУ „Аврам Писевски“, со систем на обновливи извори на енергија (ОИЕ) односно, термални пумпи воздух/вода. Ова е последниот систем на фосилно гориво во општината и со неговата замена се предвидува користење на системот на термални пумпи, во високо температурен режим на греење (55° С), како и ладење во летниот период (12-17° С).
Третата мерка подразбира систем на регулација по крива на надворешна и внатрешна температура во топлинските подстаници за централно греење по јавните објекти.На овој начин се овозможува пред калориметрите со трокрак автоматски вентил да се направи врска, помеѓу доводот и повратот на топлината при реални услови на надворешната и топлината во грејниот простор. Така всушност се намалува наплатената топлинска енергија, регистрирана на калориметарот.
Четвртата мерка опфаќа замена на флуо-цевките за внатрешно осветлување во објектите со лед светилки. Оваа мерка влијае на комодитетот на осветлувањето и подобрувањето на условите на корисниците на просторот. Со петтата мерка се предвидува инсталирање на системи за сопствено производство на електрична и топлинска енергија од обновливи извори, во рамки на јавните објекти во општината. Шестата мерка се однесува на замена на постојното улично осветлување, на дворните места во училиштата и системите на осветлување на детските и спортски игралишта со лед светилки, реализирани со примена на повикот по ЕСКО моделот. Седмата мерка подразбира замена на старите моторни возила со нови еколошки и економични транспортни и моторни возила.
Осмата мерка опфаќа изработка на планови за рационално користење на превозните, транспортните и средствата за одржување на зеленилото. Ваквите планови на неделно и месечно ниво кои треба да ги подготват одговорните лица од општината и детските градинки, значат евидентирање и планирање на веќе познатите обврски кои треба да се реализираат со возилата.
Советниците од Карпош ги поддржаа и предлог-програмите за измена и дополнување на Програмите за активностите на Општината во областа на развојот и образованието за 2022 година. Советот даде согласност и за урбанистичкиот проект со план за парцелација на ГП 1.25 од ДУП-от за Градска четврт З 03. Со истата динамика советниците ги поддржаа Одлуките за корекции на предлог ДУП-от Ј 02, Градска четврт Ј 02 и ДУП-от Ј 04, Градска четврт Ј 04, кои не се усвоени од страна на Советот на Општина Карпош.
Со мнозинство гласови беше поддржана предлог-одлуката за прифаќање на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Карпош и Град Скопје, според која Град Скопје ќе инвестира 10.000.000 денари за реконструкција и хортикултурно уредување на јавни зелени површини на територијата на локалната самоуправа. Изведувач на овие активности ќе биде Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ – Скопје.