Општина Карпош е лидер по заштеда на енергија во државата, која во овој период изнесува речиси 50 проценти, истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, на средбата со градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Министерот Пенов денеска ја посети Општина Карпош во рамки на акцијата за откривање и отстранување на проблемите во функционирањето на општините, при што ја пофали општината за успешниот прилог во напорите на Владата за штедење на енергија, истакнувајќи дека според извештаите на ЕВН, во општина Карпош потрошувачката на струја е речиси преполовена.

За време на средбата, министерот доби неколку насоки и барања од градоначалникот, пред сѐ во делот на урбанизмот и во делот на јавното паркирање, и вети дека ќе се обиде да најде начин како да се решат овие проблеми во интерес на граѓаните.

 

  • Дојдовме да ја пофалиме општина Карпош која што во директивите што ги дава Владата за штедење на енергија, според извештаите што ги добиваме од ЕВН заштедата во енергија во општина Карпош во овој период е речиси 50 проценти. Тоа е успешен прилог во напорите на Владата да обезбеди енергија, во насока на штедење, бидејќи периодов скапо ја плаќаме енергијата и во напорите да обезбедиме пристоен и нормален живот на граѓаните. Наша идеја на овие посети е, да во интерес на граѓаните ги откочуваме проблемите кои постојат дури и сме подготвени заеднички некои проблеми кои се во рамки на финансиските можности заедно да ги решиме, изјави министерот Пенов.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски изрази задоволство поради посетата на министерот за локална самоуправа поради можноста да разменат мислења за повеќе проблеми што ги има општината во делот на локалната самоуправа во однос на урбанизмот, како и комплицираните процедури за воведување на зонско паркирање, сѐ со цел за подобрување на квалитетот на живеење на жителите на Карпош. Тој исто така побара од министерот поддршка за проекти поврзани со заштеда на енергија.

 

-Разговаравме за енергетската криза и можностите евентуално за поддршка за проекти кои што ги имаме во насока на заштеда на енергија на улично осветлување, во градинките и во училиштата. Дискутиравме и за проблемите со кои се соочуваме при обидите за инвестирање како на домашни, така и на странски инвеститори во земјава и проблемите во делот на урбанизмот. Разговаравме и за она прашање кое што денеска го тишти цело Скопје, а тоа е проблемот со паркирањето и комплицираните процедури за воведувањето на зонско паркирање или друг начин на паркирање кое ќе го подобри квалитетот на живеењето на граѓаните во општината. Констатиравме дека во одредени делови и тоа како се потребни законски измени и консултација меѓу владините институции и локалната самоуправа, истакна градоначалникот Јакимовски.