КАРПОШ СЕ ОПРЕМИ СО НОВ РОВОКОПАЧ ЗА РАСЧИСТУВАЊЕ НА ДЕПОНИИ
- јуни 2, 2022
- 0
По изборот на комисијата за јавни набавки од Општина Карпош, фирмата „ЕВРО СТИЛ“ од Битола како економски најповолен понудувач, денеска го достави комбинираниот ровокопач/натоварувач, за кој локалната самоуправа доби средства од Светска банка во вид на грант за успешност. Станува збор за неповратни средства во висина од 3.290.000 денари за набавка на механизација, кои Општината ги доби од Светска банка, во рамки на проектот за подобрување на општинските услуги.
На чинот на примопредавање на возилото присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода, првиот човек на Општината истакна дека му претставува искрено задоволство што локалната самоуправа ќе се екипира со ова специјализирано возило, кое ќе помогне во решавање на комуналните проблеми низ Карпош.
– Овој грант за набавка на комбиниран ровокопач/натоварувач за потребите на Општина Карпош го добивме како резултат на успешно реализиран под-заем, доделен од МСИП – проектна единица на Министерство за финансии на РСМ, финансиски поддржан од Светска банка. Конкретнава механизација ќе ни биде од голема корист, особено во руралните делови од нашата општина какви што се населбите Бардовци, Злокуќани и Нерези. Досега нашите работници го товараа отпадот во камиони само со рачен алат, така сега добиваме едно повеќенаменско возило. Имено, оваа механизација би можела да послужи и за чистење на снег, но со помош на дополнителната опрема со која располагаме, би можеле да го искористиме возилото и за одржување на уличното осветлување – посочи Јакимовски.
Потребата за набавка на ова комунално возило произлезе по урбанистичката ревизија, која претходно ја спроведе Општина Карпош во соработка со Светска банка. Притоа беше утврдено дека еден од поголемите проблеми со кои се соочува локалната самоуправа, се депониите кои се наоѓаат на нејзина територија. Токму затоа, примарната намена на оваа механизација ќе биде расчистување на депониите во населбите Бардовци, Злокуќани и Нерези. Освен за отстранување на сметиштата, ровокопачот ќе се користи и за чистење на сливот на реката Лепенец, каде локалните мештани треба да ја користат речната вода за наводнување на своите земјоделски земјишта.
Според договорот, фирмата „ЕВРО СТИЛ“ ќе обезбеди и стручна обука за две вработени лица од Општина Карпош, кои треба да управуваат со ова комунално возило.