Денеска, сабота (06.02.2016), група граѓани се собраа пред административната барака на општина Карпош, барајќи објаснување за некои дилеми, кои се јавија по донесувањето на Деталниот урбанистички план од минатиот месец. За таа цел, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски им искочи во пресрет на своите сограѓани, одговорајќи им на нивните прашања.

 

Во врска со трговскиот центар кој е предвиден во ДУП-от, кај тениското игралиште помеѓу црвената кула и Сити Мол, првиот човек на Општината, укажа дека тој  ДУП постои уште од 1999 година.

–          Согласно законските прописи и Уставот на Република Македонија, ние не можеме да бришеме објекти и со секој нов урбанистички план,   должни сме, вредноста да ја зголемуваме или најмалку да остане иста. Тоа значи дека тој објект таму постоел и порано. Исто така, тоа е приватно земјиште и ако државната одлука е да се враќа приватното земјиште,  јас тука не можам да интервенирам. Тоа било трговски центар и пред јас да бидам градоначалник. Ние мораме да ја почитуваме вредноста на граѓанинот. Секоја поинаква одлука би била спротивна на Уставот и законите – посочи Јакимовски.

 

Говорејќи за еколошката состојба и штетните факторите кои влијаат врз чистата околина, Стевчо Јакимовски, истакна дека во општина Карпош повеќе не постојат големи загадувачи, бидејќи истите се  дислоцирани.

–          Единствени индустриски капацитети кои влијаеја врз загадувањето на околината, беа фабриките „Пластика“ и „Алумина“. Токму, со измената во деталните урбанистички планови овие фабрики повеќе не функционираат во нашата урбана средина, што воедно резултираше со почист воздух во Карпош.

Ние како локална самоуправа имаме направено катастар на загадувачи и сме единстевна општина која има одделение за екологија, со мандат да изрекува казни согласно законските прописи.

Во исто време, – потсети Јакимовски, Општина Карпош го презеде уредувањето на зеленилото, иако тоа не е наша директна надлежност, како и одржувањето на хигиената. Како што гледате, имавме акции за садење на дрвја и цвеќиња, од кои оваа година се засадени повеќе од 1000 садници и тоа е се што го прави општина Карпош за подобрување на еколошката состојба. Аерозагаденоста е проблем не само на општина Карпош, туку и на целиот град. Како локална самоуправа ќе сториме сé што е во наша надлежност, кон намалување на загаденоста во овој дел од Скопје – рече Јакимовски.

 

На конкретно прашање за слободните паркинг места, на станбените објекти околу улицата „Никола Русински“, градоначалникот Јакимовски укажа на градежната регулатива која мора да се почитува.

 

–          Ќе ви укажам на фактот, дека ниту еден инвеститор не може да изгради бесправен објект. Тоа едно паркинг место кое го има надвор, е обезбедено во рамките на самата зграда. Тоа пак значи,  дека за секој стан мора да има обезбедено по едно паркинг место. Новите згради што се градат во општина Карпош, се изведуваат според сите стандарди кои треба да ги содржат урбанистичките планови, меѓутоа постоечките згради се градени со паркинг простор. Доколку инвеститорот нé обезбедил соодветен паркинг простор, не постои можност ниту да гради. Во тој случај,  нашиот градежен инпектор има обврска да превземе санкции.

 

На средбата, стана збор и за транспарентноста низ која се усвојуваат Деталните урбанистички планови, нешто за кое граѓаните изразија најголем сомнеж. Во таа ситуација, градоначалникот Јакимовски им ја објасни на карпошани, процедурата низ која поминува оваа комплексна планска документација.

 

–          Транспрентност значи, урбанистичкиот план да биде објавен најмалку во два дневни весника, во „Утрински“ и во „Дневник“ и да биде спроведена јавна анкета во која ќе учествуваат граѓаните. Направени се две јавни анкети и на тие јавни анкети прецизирано е што содржи тој урбанистички план. Јас одговорно ви тврдам, дека на делот од улицата за која вие велите дека е спорна, нема никакви измени кои ќе го нарушат зеленилото. Се работи за измами. Очигледно некој сака да Ве изманипулира – предупреди Јакимовски.

 

Тој упати смирувачка порака, бидејќи според него, во Карпош 4 нема да биде злоупотребена ниту една педа зеленило.

 

–          Дуповите сте ги виделе на јавна анкета која трае 15 дена, а во рамките на таа јавна анкета се врши презентација од страна на урбанистите. Се работи за отворена работна средба на која, секој заинтересиран граѓанин може да присуствува. Одржана е една јавна анкета и по 20 дена е одржана и втората. И покрај тоа што законот бара само една јавна анкета, ние, во интерес на граѓаните направивме две. Притоа, урбанистите кои го приготвуваат урбанистичкиот план дале соодветни одговори. Ако тоа не било доволно, јас, како градоначалник секогаш Ви стојам на располагање – додаде Стевчо Јакимовски.