КАРПОШ ГО ИЗБРА СВОЈОТ ТАЛЕНТ
- ноември 6, 2025
- 0
Со свои театарски изведби, музички перформанси и танцови точки, учениците од десетте основни училишта на Општина Карпош денеска се претставија пред многубројната публика во рамки на традиционалната манифестација „Карпош има талент”. Во преполната сала во киното „Cineplexx”, каде одекнуваа воздишките и силно се чувствуваа емоциите, младите карпошани создадоа атмосфера која доликува на едно динамично шарено детско шоу. Во него тие го покажаа својот раскошен талент, презентирајќи ги своите уметнички перформанси како актери, пејачи и танцувачи.
Оваа година, манифестацијата имаше интернационална тематика, бидејќи сите училишта претставуваа по една држава. На овој училиштен настан кој е во организација на Одделението за образование при Општина Карпош, стручното жири составено од актерите Ангела Лефкова, Гоце Андонов и Сара Томевска имаше навистина тешка задача. Ритамот на турскиот мелос одигран од таленираните ученици од ООУ „Петар Поп Арсов“, го освои првото место на традиционалната манифестација ,,Карпош има талент”. Второто место го поделија двете основни училишта ,,Владо Тасевски” кои ја претставуваа Франција и „Вера Циривири Трена”, кои го интерпретираа традиционалниот грчки мелос. Треторангирани беа основците од ,,Војдан Чернодрински” кои ги презентираа културните специфики на Босна и Херцеговина и учениците од „Братство” кои ја претставија Германија. Наградата за најдобар краткометражен филм под наслов „Карпош низ детскиот објектив”, ја освои ООУ ,,Димо Хаџи Димов”. На тема „За мојата општина”, првата награда за најдобра литературна творба во одделенска настава ја освои Андреа Гаговска од ООУ ,,Христијан Тодоровски Карпош”. Второто место го освои Ника Златановска од ООУ „Аврам Писевски”, додека пак третото место и припадна на Христина Маркоска од ООУ „Лазо Трповски”. Во предметна настава, првото место на литературниот конкурс го доби Ангела Стојаноска од ООУ „Вера Циривири Трена”. Втората награда ја освои Викторија Талеска од ООУ „Лазо Трповски”, а третата позиција ја обезбеди Андреј Стојановски од ООУ „Војдан Чернодрински”. За оваа намена, локалната самоуправа обезбеди и финансиска поддршка, како еден вид награда за најталентираните основци од Карпош.









