КАРПОШ ДОДЕЛИ 5.000 МАСКИ ЗА ГРАДИНКИТЕ, УЧИЛИШТАТА И ДРУГИ УСТАНОВИ
- јануари 14, 2021
- 0
Општина Карпош им додели 5.000 заштитни маски за повеќекратна употреба на детските градинки и основни училишта. Во градинките, маските ќе бидат наменети за воспитниот и техничкиот персонал, а во училиштата, за наставниот кадар и учениците (штом започне второто полугодие од учебната година).
Градоначалникот Стефан Богоев истакна дека дел од маските ќе се поделат и во геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Злокуќани, во СОС Детското село, групниот дом во Козле, како и по повеќе урбани заедници.
Инаку, заштитните, повеќеслојни маски претставуваат донација од фирмата „Белгравиа Инвест“ ДООЕЛ Скопје. Локалната самоуправа ја користи оваа прилика да и се заблагодари на оваа компанија, за покажаната општествена одговорност и грижа за заедницата.
Општината ги повикува сите граѓани да продолжат со одговорното однесување. Да се почитуваат заштитните мерки, континуирано да се носат маски, да се врши дезинфекција и да се одржува дистанца.
Карпош продолжува да биде поддршка на граѓаните и јавните установи за намалување на последиците од КОВИД – 19.