Десетина врвни ликовни творци кои минатиот викенд со љубов за Карпош го насликаа „Мирисот на летото“, денеска ги изложија своите дела во галерискиот простор на Кинотеката на Македонија. Станува збор за истакнати ликовни работници кои во рамки на манифестацијата „Карпошово културно лето 2024“, беа дел од проектот „Ликовните творци со љубов за Карпош“, каде ги пренесоа своите емоции и импресии на белото платно. Во знак на благодарност кон градоначалникот Стевчо Јакимовски и локалната самоуправа за досегашната одлична соработка и несебичната поддршка која се манифестира повеќе од една деценија, тие одлучија да ги подарат своите уметнички дела кои отсега ќе ги красат просториите на Општина Карпош.

 

Секој уметник наслика по две дела во формат 40×40 сантиметри, а од изложените експонати изработени во комбинирана техника и акрилни бои на платно, можеше да се забележи дека доминира апстракцијата, фигураликата, суптилната стилизација и урбаните мотиви.

 

Пред присутните се обрати Претседателот на Детскиот ликовен центар, проф. д-р Стојче Тоциновски, кој во оваа пригода му додели Признание на градоначалникот Стевчо Јакимовски, за неговата повеќедецениска поддршка за развивање на ликовната култура. Признанието за Јакимовски го подигна Секретарот на Општина Карпош, Ивана Ордевска која во име на првиот човек на Општината се заблагодари за укажаната чест и вети дека градоначалникот и локалната самоуправа ќе ја интензивираат досегашната поддршка и заедничка соработка, особено во полето на културата и уметноста.

 

  • Сите се согласуваме дека темелите на одбележувањето и негувањето на сите ликовни и уметнички збиднувања во Карпош ги постави токму градоначалникот Стевчо Јакимовски. Инаку, нам ни претставува особена чест што бевме дел од овој прекрасен настан и што уживавме со вас изминатиов викенд. Мене ми останува само да ви се заблагодарам од името на градоначалникот, Советот на Општина Карпош и од мое лично име за вашите прекрасни творби, кои ќе ја збогатат нашата, можам да кажам завидна збирка на вредни уметнички дела – констатираше Секретарот Ордевска.

 

За поддршка на ликовниот настан „Мирисот на летото“, Благодарници од Градското здружение на ликовните педагози од Скопје, добија и Општина Карпош, како и Секретарот на локалната самоуправа, Ивана Ордевска. Благодарници за поддршка на настанот добија и раководителката на Секторот за финансиски прашања при Општина Карпош, Мирјана Ѓорѓиевска и раководителот на Одделението за култура и спорт, Патрик Поповски.

 

Со признание се закити  и Раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес, Гордана Стојчевска Зафировска, за долгогодишната поддршка за развивање на ликовната култура во Карпош.

 

  • Ме радува нашата 15 годишна соработка, каде беа инволвирани и на тој начин едуцирани многу генерации на млади карпошани. Убедена сум дека и во иднина ќе ја одржиме оваа иницијатива, каде преку културата и образованието ќе настојуваме да го всадиме духот на естетиката и уметноста кај најмладите карпошани и така од нив да создадеме подобри личности – истакна раководителката Стојчевска – Зафировска.