Со чинот на осветување на водите на реката Вардар кај „Железниот мост“ во населбата Влае и со положување на светиот крст, денеска попладне карпошани и ѓорчепетровци заедно го одбележаа големиот празник „Богојавление – Водици“. Покрај православните верници, на настанот  присуствуваа и градоначалникот Стевчо Јакимовски  како и претставниците на Советот на Општина Карпош и на општинската администрација, а локалната самоуправа ја поддржува оваа манифестација со 30.000 денари.

Во духот на христијанската традиција, свештените лица од црквата „Свети Пантелејмон“ од Нерези  и  „Свети Петар и Павле“  од  Ѓорче Петров, го  положија крстот во реката Вардар, при што најголема среќа имаше Ивица Георгиевски-Ачка од населбата Ѓорче Петров кој прв дојде до оваа света реликвија. Според религијата се верува дека токму овој крст, ќе му донесе нему здравје и бериќет во претстојнава година. По завршувањето на манифестацијата, присутните граѓани и верници се упатија  кон црквата „Свети Пантелејмон“, каде што ги чекаше пригодна славска трпеза.