КАРПОШ АПЛИЦИРА ЗА ПРВАТА СОЛАРНА ЕНЕРГЕТСКА ЗАДРУГА
- февруари 8, 2021
- 0
Општина Карпош, преку Здружението „Милиеуконтакт Македонија“ ќе аплицира на меѓународниот повик на Германското федерално министерство за животна средина, со проектот „Соларна енергетска задруга во Република Северна Македонија“.
Советниците од Карпош, во рамки на денешната 53. седница ја подржаа оваа одлука, според која се планира инсталација на сончева фотоволтаична електрана на покривот на општинското основно училиште „Братство“, со првична планирана моќност од 50kW.
Со фотоволтаичната електрана би раководела енергетската задруга „Братство“, која воедно би била прва соларна енергетска задруга формирана во нашата држава.
Освен овoj исклучително вреден проект, советниците на Карпош денес усвоија и уште една поволна информација, а тоа е дека лани вкупниот криминалитет во Карпош видно опаднал. Така во тукушто изминатата 2020 година намален е бројот на кривични дела во општината за приближно 500 тини, односно изнесува 1.509 сторени кривични дела, наспроти оние во 2019 кога достигнале 1.989. Опаднат е и бројот на нарушувања на јавниот ред и мир, а немало ниту едно сторено кривично дело од омраза. Единствено загрижувачко во минатата т.н. ковид година е што има пријавено 39 случаи на семејно насилство. Ова е само дел од Годишниот извештај за работа во однос на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на Полициската станица од општа наделжност Карпош за изминатата година, којшто го усвоија советниците на Општина карпош. Во него, стои и податокот дека за време на пандемијата се направени 22.130 контроли на лица под здравствен надзор или во домашна изолација, а полицијата од Карпош направила и 866 проверки кај угостителски објекти за тоа дали се придржуваат кон пропишаните мерки според протоколите.
Советот го усвои и предлог-заклучокот според кој, општина Карпош доделува финансиски средства за поправка и санација на постоечки лифтови и оштетени покриви на колективните станбени згради. Локалната самоуправа ќе субвенционира 30% од вкупната вредност на трошоците за санација, но најмногу до 200.000 денари за лифт и 150.000 за кровен покривач.
Со истата динамика, советниците ги одобрија финансиските средства во износ од 200.000 денари, кои општина Карпош ги обезбеди како помош за санација на опожарена куќа на домаќинство, кое живее во населбата Карпош 2.
Советот одобри и еднократна парична помош во износ од 90.000 денари за реконструкција на покривот и поткровјето на опожарен објект во населбата Бардовци, каде што живее седумчлено семејство.
На денешната седница беа именувани и членовите на комисиите за доделување на финансиска поддршка од областа на културата, спортот, како и членовите на комисијата за избор и реализација на проекти од областа на образованието за 2021 година.