Во организација на Одделението за култура и спорт од Општина Карпош, денеска во рамки на спортската сала „Партизан“ во Карпош 4, традиционално по 14-ти пат се одржаа „Пензионерски игри 2025“. На еднодневниот рекреативен настан членовите од пензионерските здруженија „Тафталиџе ДДД“ и „Карпош“ другаруваа и се натпреваруваа во  изведување на пенали и ги одмерија своите сили во пикадо, фрлање ѓуле, трчање на 40 и 60 метри, додека пак мажите се натпреваруваа во дисциплината скок во далечина.

На спортско – рекреативниот настан присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ги поздрави присутните и им посака пријатна дружба, притоа напоменувајќи дека локалната самоуправа и понатаму ќе води грижа за нив.

  • Драги наши пријатели, убаво е кога се собираме за да се дружиме и да покажеме дека имаме натпреварувачки дух, особено луѓето на вашата возраст. Ми претставува особено задоволство што овие пензионерски спортски игри се одржуваат во веќе нашата спортска сала „Наум Наумовски Борче“. Имено, вчера добивме пресуда со која се поништува Одлуката на Владата со која ни ја земаа оваа сала. Конечната судска Одлука вели дека овој култен спортски објект мора да му припаѓа на народот, на граѓаните и дека со неа треба да управува оној којшто најдобро ќе стопанисува со салата, а тоа е Општина Карпош. Впрочем нашата цел како локална самоуправа е да создадеме најдобри услови за спорт и рекреација за жителите од сите возрасни категории – истакна Јакимовски.

Тој посочи дека и Општината и граѓаните од трето доба имаат реална потреба од еден современ пензионерски дом на територија на локалната самоуправа.

  • Во таа насока мораме заедно да ги здружиме силите, и Општината и Фондот за пензиско осигурување, но во исто време и Министерството за труд и социјална политика. Бидејќи Карпош заслужува еден модерен пензионерски дом, во кој ќе можат повозрасните жители меѓусебно да се дружат и социјализираат. Затоа ќе мораме да отпочнеме една процедура, меѓутоа тоа можеме да го реализираме само доколку Општината, Фондот и секако извршната власт, разумно соработуваат – беше дециден Јакимовски.

Општината и во наредниот период ќе гради отворен однос на поддршка кон здруженијата на пензионери, заради подобрување на условите на социјализација како и на нивниот животен стандард. Во таа насока, локалната самоуправа организира  традиционални посети на луѓето кои престојуваат во домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Злокуќани, обезбедува финансиска и материјална поддршка за постарите сограѓани кои се наоѓаат во потешка материјална состојба и преку учество во проект на Црвениот Крст, обезбеди нега на стари и изнемоштени лица во домашни услови.