КАРПОШОВА ХУМАНА ТРАДИЦИЈА
- април 23, 2017
- 0
Во организација на одделението за детска, социјална и здравствена заштита при општина Карпош, денеска, пред 12-те поголеми маркети ширум локалната самоуправа, започна традиционалната хуманитарна акција „Да бидеме хумани за нашите соседи“.
Овој викенд, по повод претстојните Велигденски празници, карпошани повторно ќе го покажат својот хуман карактер, донирајќи прехранбени продукти и хигиенски производи за своите сограѓани, кои се наоѓаат во потешка материјална состојба.
Кон оваа хумана традиција се приклучи и претседателот на Советот на општина Карпош, Сашо Лазаровски, кој во оваа пригода донираше прехранбени производи, кои ќе бидат добредојдени на трпезите кај социјално загрозените граѓани.
– Веќе 18-ти пат, општина Карпош ја спроведува оваа хумана акција, со цел да им помогнеме на нашите сограѓани, достоинствено да го одбележат големиот христијански празник. Имено, локалната самоуправа ја организира оваа акција три пати во годината, по повод роденденот на Општината, како и за Божикните и Велигденските празници. Од насобраните донации, планираме да обезбедиме стотина хуманитарни пакети, со што ќе ја ублажиме потешката социјална состојба на нашите сожители, за која се надевам дека сепак ќе биде од времен карактер – изјави првиот човек на Советот на општина Карпош, Сашо Лазаровски.
Во акцијата масовно се вклучија и учениците од ООУ„Владо Тасевски“ со својата донација.