КАРПОШАНИ ДАРУВААТ КРВ ВО ЧЕСТ НА ДЈ ИЦКО
- јуни 4, 2025
- 0
Во рамки на планираните програмски активности на Секторот за развој на Општина Карпош, денеска во спортската сала на ООУ „Лазо Трповски“ се одржа крводарителска акција во организација на локалната самоуправа. Веќе трета година по ред, иницијатор на оваа хумана акција е здружението ГАЛИЦКО, а истата се реализира во чест на карпошанецот диџеј Ицко, кој почина во време на корона пандемијата. Инаку, ова здружение со седиште во Карпош и Галичник организира низа други настани од солидарен карактер.
Денешната акција во која учествуваат хуманите граѓани – крводарители, потоа, административците од Општина Карпош како и работниот персонал од детските градинки и основни училишта на територија на локалната самоуправа, започна во 9 часот и ќе трае до 17 часот попладне. Градоначалникот Стевчо Јакимовски ги повика граѓаните да дојдат и да даруваат крв, бидејќи капка крв може да спаси нечиј живот.
-Ние како Општина, досега безброј пати сме биле организатори на крводарителски акции, со цел да помогнеме онаму каде што сме најпотребни, односно да спасиме нечиј живот. Затоа апелирам и ги повикувам сите здрави и способни сограѓани, да дојдат и да се приклучат на оваа акција – рече првиот човек на Општината.
Во таа насока Општина Карпош како општествено одговорна институција, изгради традиција на одржување на крводарителски акции уште од 2004 година, еднаш на пролет и на есен (по повод денот на Општината 3. ноември), на тој начин поттикнувајќи ги граѓаните да бидат хумани и да донираат крв.