Комуналните служби на Општина Карпош исчистија уште една дива депонија, во Момин Поток, во должина на главната сообраќајница кај индустриската зона.

Исчистен е поголем кабаст отпад и шут, кој претставуваше закана за животната средина во периферниот дел од општината.

Во акцијата се вклучи и механизација на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, а отпадот соодветно беше одложен во депонијата Дрисла. 

 

На овој потег, локалната самоуправа ги интензивира и инспекциските контроли, за да не се повтори оваа слика.

 

Ги повикуваме сите граѓани и фирми соодветно да го одложуваат домашниот, електронскиот и кабастиот отпад. На веб страната на Карпош објавени се сите информации и телефонски броеви за правилно ослободување од отпадот (линк: https://bit.ly/36uLHxu).

 

Во изминатиот период, Општината исчисти повеќе децениски депонии во Карпош. Целосно е израмнет потегот од мостот „Газела“ до спортско – качувачката карпа. Исчистени се и депониите кај хотелот „Александар Палас“ и во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, како и сметлиштата во Злокуќани (кај фудбалското игралиште) и долж Лепенец (во Бардовци).

 

Овие депонии, во повеќе наврати беа потпалувани, што резултираше со поголемо аерозагадување. Општина Карпош продолжува со континуираната борба за почиста и поздрава животна средина.