Почитувани граѓани на Средно Нерези,

За прв пат е направен урбанистички план за вашата урбана заедница. Се работи за многу сложен и комплексен урбанистички план и опфаќа многу голема територија. Имајќи во предвид дека се работи за урбана заедница каде живеат граѓани кои претежно се староседелци и најголем дел од објектите се изградени или пред 1968 година или биле градени како дивоградби со сложени имотно правни односи во катастарските парцели, со посебно внимание и претпазливост го работиме овој план.

Од тие причини овој урбанистички план ќе биде изложен 30 дена во месната заедница во Нерези, а ќе се изврши една јавна општа главна презентација на ден 17.07.2023 година во 11 часот во просториите на у.з. Нерези. Потоа, планот поделен на шест делови со посебно известување ќе се презентира, при што ќе се дава објаснување и ќе се примаат забелешки на сите шест помали делови со цел секој граѓанин да има подетална слика за својот имот, својата парцела, и да добие најточни инофрмации од планерите за тоа како одредени делови се решени.

Напоменуваме дека планерската куќа при изготвувањето на секој урбанистички план користи катастарски подлоги, до максимум мора да ја почитува реалната состојба на терен како и потребите на секој граѓанин, секој сопственик на имот одделно и урбаната заедница во целост и затоа анкетните листови кои ќе се поднесуваат до 15.08.2023 година, да ги третираат конкретните парцели со конкретни предлози. Секој предлог и забелешка која не е спротивна на законските прописи и ја подобрува функционалноста на урбаниот простор ќе биде со максимална сериозност разгледана и доколку постои можност ќе биде прифатена.

ПОСЕБНА НАПОМЕНА: Откако анкетните листови со забелешки и предлози ќе ги разгледаат планерската куќа, стручната комисија и општинските служби, се што може да биде прифатено ќе биде имплементирано во урбанистичкиот план и истиот ќе биде уште еднаш ставен на увид на граѓаните (уште една јавна анкета).

За прв пат се носи комплетен урбанистички план за урбаната заедница Нерези, со што и овој дел од општината целосно се урбанизира, се усогласува со генералниот урбанистички план и се создаваат услови за развој во индивидуалните парцели, се предвидуваат инфраструктурни објекти како и објекти од јавен интерес. Планот се носи за потребите на граѓаните за да во иднина се овозможи непречен развој на населбата согласно највисоките урбани стандарди како и останатите делови во Карпош.