• Оставаме уште една година зад нас. Колку 2019 година беше успешна за Општина Карпош и дали сé што планиравте успеавте да реализирате? И да не заборавиме каде се училишните базени и Хуманите патроли?

 

Добро, она што јас би го издвоил од изминатата година, а беше зацртано и реализирано од страна на Општината е пред се, изграбата на комплетно новата градинка во Бардовци, која ја пуштивме во употреба и кпјашто згрижува 78 дечиња.

Она што исто така е значајно, а беше меѓу главните ветувања во мојата програма е почетокот со изведба на Спортско – адреналинскиот парк, кај Вештачката карпа, покрај Вардар. Секако туке е и турнирот „Сокол“. Со обнова на игралиштето се возобнови и турнирот, кој е симбол на маалската дружба во нашиот Карпош. На полето на екологијата и хигиената, беа исчистени повеќегодишни депонии: онаа кај Лепенец, во Бардовци, кај „Александар Палас“… Ги затворивме овие депонии. Секако, беа засадени повеќе стотици високо израснати дрвја, украсни садници и нови тревни површини.

Што се однесува до затворените базени, за жал, наидовме на потешкотии во Министерството за образование и наука, кои не се согласуваат со поставување на базените во училишните дворови. Се работи на надминување на проблемот со кој се соочуваат повеќе општини во државата. Верувам дека наскоро ќе се најде решение. Доколку не се најде решение, секако, ќе најдеме друга локација, којашто нема неопходно да биде во училишен двор, а повторно, пред сѐ децата, ќе можат да го користат базенот на начин каков што ќе организира Општината.

Додека за идејата „Хуманите патроли“, поднесовме проект во Министерството за труд и социјална политика и очекуваме во 2020 година да почне да се реализира. Тој предвидува домашни посети кај оние наши повозрасни сограѓани на кои поддршката и помошта им е најнеопхадна.

 

  • Хигиената, паркирањето, урбанизацијата… Тоа се клучните проблеми со кои се соочуваат карпошани. Имате ли можеби визија, идеја, како да бидат овие работи надминати и карпошани да го добијат она што им следува – подобар и поквалитетен живот!?

 

                             Во однос на паркирањето, ние, на почетокот на 2020 година, ќе започнеме со она што го најавив пред неколку денови. Тоа е анкетата со која граѓаните, пред се од Карпош 1 и Карпош 2, ќе се изјаснат во прва фаза, дали се „за“ регулирање на паркирањето. Бидејќи до мене стигнаа стотици и стотици потписи со кои граѓаните го бараат тоа, се одлучивме на една ваква анкета. Она што е битно, е дека граѓаните, резиденти на Карпош 1 и Карпош 2, за прво, второ и трето возило нема да плаќаат ништо. За нив паркирањето ќе биде бесплатно, додека сите останати ќе плаќаат. Ова е првата фаза.  Ќе видиме како ќе помине во Карпош 1 и 2, па потоа би продолжиле во другите населби, како решение, кое ќе остане бесплатно за нашите сограѓани.

Кога станува збор за урбанизацијата, во изминатиот период покажавме колку можеме да бидеме транспарентни, достапни и би рекол демократични, во постапките на носење на детални урбанистички планови и колку тоа јавно се споделува со сите граѓани.

Она што ми е драго е дека го заштитивме „Партизан“ и не може да никне некоја нова станбена зграда на местото на култниот спортски објект, а истото го правиме и со познатиот парк во Тафталиџе 1 (на ул. „Букурешка“) и со други локации за кои се бориме да ги заштитиме и зачуваме. Убеден сум дека ќе успееме во тоа.

 

  • Сакате да кажете дека ставате стоп на урбанистичкиот хаос во Карпош?

 

                             Апсолутно! Се трудиме да ставиме „стоп“ на урбанистичкиот хаос и да воведеме некој посериозен ред во градењето и урбанизацијата. Таа да биде планска, и да не значи уништување и на штета на оние кои веќе живеат во Карпош.

Што се однесува до хигиената, која е меѓу главните предизвици во Општината, нам, за некој месец, месец и половина, ќе ни пристигнат две нови цистерни за миење на улици. Тие се помали цистерни, прилагодени за движење низ маалските улички. Повозрасните скопјани ќе се сетат на едно време кога тоа било редовна пракса, а за жал, долги години веќе не се мијат улиците. Сега тие повторно ќе се мијат. Набавуваме и нов камион за подигнување на отпад, нов вшмукувач за лисја и ситен отпад, така што сериозно вложуваме и во механизација за одржување и подобрување на хигиената.

 

  • Благодарение на Владата успеавте да отпишете голем дел од долговите кон вашите доверители. Во каква финансиска кондиција е сега Општина Карпош и колку другите Ве гледаат како сериозен партнер?

 

 

                                       Реално, финансиската поддршка од Владата беше повеќе од добредојдена и во сериозен обем ни помогна во нормализирање на функционирањето на Општината од финансиски аспект, но, секако, долгот којшто се влече со години е сеуште голем. Сепак, тоа не е изговор за нас. Напротив, покажавме дека знаеме да користиме и многу странски фондови, знаеме да користиме грантови и поволни кредити. За таа цел направивме и еден посебен тим во Општината кој работи само на апликации на проекти, ги следи сите повици од Европска Унија, од Светска банка, од ресорните министерства во нашата држава, како и од различни донатори, меѓународни и домашни и аплицираме на сите повик.

Покажавме дека може домаќински да се работи. Скративме на непродуктивни трошоци, на ангажирање фолк пејачи, го намаливме возниот парк на Општината, а од друга страна, со користење на сите грантови и средства кои стојат на располагање на локалната самоуправа, покажавме дека можеме да одиме напред и долгот да не ни претставува голем проблем и патем, постепено да го намалуваме.

 

  • Не можеме да го заобиколиме големиот проблем – аерозагадувањето. Карпошани, скопјани, ќе дишат ли некогаш чист воздух или тоа ќе остане само желба?

 

               Деновиве јас ги следам и протестите по повод загадувањето и целосно ги разбирам и средношколците и сите граѓани. Не можам да го заборавам периодот кога и јас лично бев дел од протестите, меѓудругото и против загадувањето, односно за чист воздух. Сега сум на друга позиција од каде што можам да делувам. На ова поле расчистувавме депонии, драстично го зголемивме зеленилото, воведовме субвенционирање на велосипеди. Од 2020 почнуваме и со субвенционирање на електрични тротинети, како алтернативен и еколошки транспорт. Огромен придонес во таа насока секако е и новиот парк кој ќе опфати површина од 60.000 квадратни метри .

 

  • Дали е тоа доволно?

 

                   Ако зборуваме за воздухот, верувам дека секогаш можеме и треба повеќе. Тоа е долготраен процес. Но, на овој начин, со сé што напоменав, како и со зголемување на инспекциските служби, (имаме на терен и десет нови комунални редари), со обезбедените средства кои ќе бидат насочени во делот на хигиена и со интензивното санкционирање на оние кои палат на отворено, верувам дека ќе добиеме драстично подобра слика од минатите години. Но, и покрај тоа, според мое видување, веќе имаме подобрена слика и оваа година, така што сметам дека од година во година ќе се намалува загадувањето, ќе добиваме поквалитетен воздух. Но, повторно ќе потенцирам, тоа е подолготраен процес и треба да бидеме вклучени сите: институциите, граѓаните, фирмите, невладините организации… Секој придонесува во одреден аспект во заштита на животната средина и во намалување на загадувањето.

 

  • Не очекуваат нови 365 дена, нови предизвици и проекти. А, тие се?

 

                     Најпрво, приоритет е продолжување на изградбата на паркот. Односно, од адреналинскиот дел, продолжување на создавање парковска површина до крајот на булеварот „Илинден“ на околу 60.000 квадратни метри. Оваа сезона почнуваме да го чистиме и да работиме и на тој дел, затоа што ќе заврши изведбата на Спортско – адреналинскиот парк.

 

Секако, во фокусот ни е ревитализацијата на „Партизан“, која што ќе ја правиме заедно со Агенцијата за млади и спорт. Мене ми е драго што после долги, долги години ќе почне со реконструкција плочникот во Порта Влае, како и ќе се направи целосна и темелна реконструкција на градинката „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1, на улица „Варшавска“. Многу вложивме во градинките, ги унапредивме условите, меѓутоа за жал оваа градинка ни остана за реконструкција.

 

Драго ми е што граѓаните на Средно Нерези, претстојната година прв пат ќе добијат вода за пиење преку водовод, бидејќи никогаш немале. Проектот за него е готов, така што ќе се гради и водоводна мрежа во Средно Нерези. И секако, ќе се посветиме на интензивно зголемување на тревните површини, на ново дополнително зеленило, на подигнување на повисок степен на хигиената… Значи, се насочуваме на нови тревници и нови системи за наводнување на тревните површини, затоа што годинава имавме сушен период и видовме што значи тоа: тревата пожолтува и се суши, така што мораме во претстојнава година повеќе да инвестираме на тој план.

Конечно, би рекол дека продолжуваме интензивно да работиме и со тековни работи, но и со новите програми и проекти кои предмалку ги споменав.