Во прилог е целосното интервју на градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, за дневниот весник Слободен Печат, со новинарката Анета Стојковска.

 

 

Во моментов заедно со Град Скопје работите на реконструкција на неколку улици во Општина Карпош. Кои се плановите за следниот период во однос на инфраструктурата?

Заврши реконструкцијата на улицата „Љубљанска“, а во моментов се работи на реконструкција и на „Московска“, како и на делови од булеварот „Партизански одреди“. Тоа што можам да го истакнам, е дека санациите се вршат за рекордно кратко време, со цел да се врати нормалниот проток на сообраќај. Сакам да се заблагодарам до граѓаните, кои имаа и се уште имаат разбирање за времениот режим на сообраќај.

Карпош целосно ќе ја реконструира и улицата „Варшавска“ во Тафталиџе 1, каде што во моментов се финализира изградбата на новата водоводна мрежа.

Гледаме да ја подобриме инфраструктурата во местата каде што е направена сериозна штета со т.н. квази урбанизација која му се случи на Карпош.

Исто така, работиме и на зголемување на безбедноста при движење на пешаците. Веќе функционира новото сообраќајно решение во Карпош 4 и Тафталиџе 1 (на ул. „Прашка“), каде што преку еднонасочните улици се обидовме да ја намалиме гужвата и да се зголеми сигурноста, особено на најмладите. Поставуваме и „лежечки полицајци“ пред основните училишта и градинките. Минатата недела го поставивме и новиот, интелигентен „лежечки полицаец“ пред ООУ „Вера Циривири Трена“, кој дава сигнал доколку возачот ја надмине дозволената брзина од 30 км на час.

Кога сме кај учениците, кај најмладите, би истакнал дека се подготвуваме и за тековни санации во основните училишта, имајќи предвид дека во ек е летниот распуст, и овој „празен“ период ќе го искористиме инфраструктурно да ги подобриме и нив.

 

  1. Најавивте набавка на две цистерни за миење на улиците и други машини за одржување на хигиената. Летово Општината треба да добие уште двајца комунални инспектори. Ја започнавте изведбата на голем парк, чистевте депонии покрај Вардар. Сметате ли дека доволно правите за подобрување на еколошката слика на Карпош, во однос на хигиената, зеленилото и чистиот воздух?

– Искрено, верувам дека секогаш може повеќе и подобро. Но, со оглед на ресурсите со кои располагаме, дефинитивно правиме многу на полето на одржување на јавната хигиена и заштитата на животната средина. Покрај 287 нови дрвја кои ги засадивме, набавивме и две нови машини т.н. перачи под висок притисок, за чистење на платоата и јавните површини. Еве, минатата недела бев на терен на потегот околу „Млечен“, и неколкумина граѓани кои беа на платото сосема искрено искоментираа пред мене дека хигиената е на повисоко ниво. Тоа мотивира, но и обврзува да се продолжи во таа насока. Затоа, продолжуваме со зголемување на механизацијата и веќе ни одобрија грант за двете цистерни кои и вие ги спомнувате. Карпош ќе биде уште почист, позелен и поубав, но, важно е да знаеме дека секој од нас има одговорност во заштитата на животната средина. Во овие моменти, во финална фаза е и новата систематизација на Општината (меѓудругото и за кадровските решенија), со што од август ќе добиеме и четири нови инспектори кои на терен ќе ги казнуваат фирмите и несовесните граѓани. Мора да воведеме ред за да имаме чиста Општина!

 

  1. Неколкупати споменавте дека сакате да го заживеете маалскиот живот во Карпош, споменавте дури и маалски референдуми за одредени прашања на жителите. Кога се планира реконструкција на игралиштето „Сокол“ и до каде е постапката за враќање на салата „Партизан“ во општинска сопственост?

– Ова прашање доаѓа во вистински момент и мило ми е што ќе бидете првиот медиум во кој ќе ја објавам веста дека од оваа година се рестартира фудбалскиот турнир „Сокол“. За таа цел, во текот на летото, целосно ќе го обновиме и реконструираме и игралиштето. Ќе поставиме нови голови, подлога, трибини, соблекувални и други придружни реквизити. На почетокот на  септември ќе започне турнирот, а веќе потпишавме и Меморандум за соработка со Здружението на граѓани за подготовка и организирање на меморијалниот турнир во мал фудбал „Оливер Соколов-Сокол“.

Општината ќе биде главен покровител на турнирот, но уште поважно е што „Сокол“ се враќа на спортскиот календар во Карпош, знаејќи дека претставува наш белег и настан кој симболизира меѓугенерациска дружба, фер плеј и толеранција.

Што се однесува до ревитализацијата на култната сала „Партизан“, можам да потврдам дека и тука има  придвижување. Се заокружуваат процедурите преку кои, конечно, Карпош ќе го добие правото на трајно користење и располагање со објектот. Пред неколку дена имав работен состанок со претставниците од Владата и има напредок на тој план. Веќе знаете дека за „Партизан“ се подготвени и два предлог идејни проекти од домашни и странски архитекти, и тоа на волонтерска основа. Би сакал да му се заблагодарам на здружението „Културно Ехо“ кое многу ни помага во овој процес, односно, целосно да ревитализираме еден јавен и запуштен објект.

Тоа се, за нас, два силно мотивирачки фактори: Ако „Сокол“ е симбол на маалскиот живот, „Партизан“ е синоним на објект кој обединил различни генерации и спортисти, затоа ќе успееме во нашите намери за негова обнова!

 

  1. Четирите ДУП-ови кои ги укина Уставниот суд повторно се изработуваат. Што е она што ќе се измени во нив? Ќе има ли повеќе зелени површини наместо згради на пример?

– Во новите ДУП – ови кои моментално се работат инсистираме да има повеќе зеленило и зелени површини. Правиме се што можеме за да ја санираме штетата од првенствено би рекол, нехуманата урбанизација која ја имавме до неодамна. На површините кои биле државни и имало вцртано згради, сега ги бришеме, се намалува катноста, габаритот… На почетокот на есента очекувам да се донесе и новиот Детален урбанистички план за Влае. На локацијата каде што биле вцртани две згради, сега ги отстрануваме и оставаме простор за нова градинка, имајќи ја предвид потребата од ваква детска установа за овој дел од Карпош.

Секој има право да гради, да инвестира во нешто, но тоа да биде хумано, плански и согласно постапка која не е прилагодена за одреден инвеститор туку е иста за сите страни.

 

 

 

 

 

  1. За овие неполни две години откако сте на чело на Општината интензивно одржувате комуникација со граѓаните преку социјалните мрежи. Создаден е и апликацијата М-заедница, преку која карпошани можат да пријавуваат проблеми. Функционира ли тоа, соработуваат ли граѓаните?

Во кампањата постојано зборував дека младоста ќе ја искористам и за проактивна комуникација со граѓаните. Покрај директните средби и контакти со граѓаните, и јас и општинската администрација одржуваме интензивна комуникација и на социјалните мрежи. Активен сум и на Facebook, Twitter, Instagram, LinkedIn, Youtube. Овие канали не ги користам само за промоција на секојдневните активности, туку директно комуницирам со граѓаните, кои многу често знаат да ми пишат, да пријават проблем, и очекуваат од мене да им вратам што се преземало на тој план… Исто така, активна е и мобилната апликација мЗаедница за сите корисници на iOS и Android телефони. Оваа апликација ја направивме во соработка со „Блинк 42 – 21“ и карпошани и на оваа платформа пријавуваат проблеми, директно до секторите, но можат да преземат и иницијативи, да дадат визуелен предлог, решение и сл.

Продолжуваме секојдневно да ја унапредуваме двонасочната комуникација. Во таа насока, и јас и мојот ПР тим сме вклучени во подготовка на публикација која би сакале да им послужи и на другите заинтересирани страни (поединци, институции) за потребата од интерактивност и транспарентност во дигиталната сфера. Публикацијата ја подготвуваме заедно со Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи.

 

  1. Вашата општина е прва во која ќе ограничите користење на мобилни телефони за време на наставата во основните училишта.  Имате ли за тоа поддршка од родителите и наставниците?

Да, без лажна скромност, но во Карпош навистина први воведовме многу новини и иновативности во неколку подрачја. Карпош ќе биде пионер во уште една област. Нашата цел е, за време на наставата, учениците да обрнат повеќе внимание и фокус кон наставниот материјал, а наставниците да бидат покреативни и да најдат начин како да ги задржуваат вниманието и дисциплината кај децата во текот на часот. Беа одржани консултативни средби во сите десет основни училишта, беа направени и разговори со учениците, со наставниците, со родителите и сите тие дадоа зелено светло за реализација на проектот, кој е инициран од Здружението за дислексија „Ајнштајн“.

Инаку, не сум противник за користење на мобилните телефони или социјалните мрежи. Напротив, гледате дека и јас и Општината сме лидери во дигиталната комуникација и сме дел од современото општество – 21 век. Но, со помало користење на мобилните во наставата, учениците полесно ќе го совладаат материјалот и со тоа ќе имаат повеќе слободно време и помалку ќе учат дома. Сепак тоа е повеќе во нивна полза.

  1. Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на Карпош и како ќе ги решавате?

Проблеми секогаш има, но се трудиме чекор по чекор да ги решаваме. Карпош е една од најурбаните општини и тука, горе – долу имаме добра инфраструктура (улици, канализација и сл.) Секако, тековно санираме и ги подобруваме улиците, но гледаме да го подигнеме квалитетот на живот во сите сегменти од локалното живеење.

Отпадот во Карпош го преработуваме и од гранките се прават живеалишта за мајмуните во Зоолошка градина. Кога зборувам за хуманизација на просторот,  мислам и на новите паркови кои се прават во Карпош: еден долж Кејот на Вардар, Спортско – Адреналинскиот парк, како и оној под бул. „8 Октомври“, кај стариот влез на Градскиот парк.

Како што можете да видите, мислам дека е очигледно дека заштитата на животната средина е тема број 1 кај нас, но и пошироко. Немаме намера да бегаме од оваа тема, затоа што загадувањето не смее да биде тема од октомври до март, кога целиот град е најзагаден, туку сега, со сите сили сме во офанзива, за да го пресретнеме и намалиме овој проблем.

На крајот, на сите граѓани им посакувам убаво лето и би ги поканил на „Карпошовото културно лето 2019“, кое ќе биде на крајот на август, а веднаш потоа ни претстои и турнирот „Сокол“. Значи проблеми секогаш ќе има, но, ние можеме да си дозволиме простор и за дружба, за добра музика и за спорт.