На барање на Секторот за финансиски прашања од Општина Карпош, денеска се одржа вонредна седница на Советот, на која се разгледуваа 11 предлог – точки кои се најдоа на дневниот ред. Во известувањето кое беше доставено до советниците од Карпош беа наведени причините за свикување на вонредната седница. Имено, во дописот беше образложено дека итноста произлегува поради склучените договори на локалната самоуправа со Владата на РСМ на 17.07.2025 година, кои се однесуваат на одобрени финансиски средства за реализација на конкретни проекти на Општината. Оттука, за нивна навремена имплементација беше неопходно да се изврши ребаланс на општинскиот Буџет за тековната 2025-та година. Исто така, со оглед на неодамнешните случувања во населбата Злокуќани каде неколку домаќинства настрадаа од огнените стихии, беше неопходно Советот итно да донесе одлуки за доделување на финансиска помош за погодените семејства.

 

               Во таа насока, Советот на Општина Карпош даде поддршка за измена и дополнување на  Буџетот на локалната самоуправа за 2025 година, во кој ќе бидат вкалкулирани доделените средства од Владата на РСМ во висина од 88.414.953 денари, кои се наменети за капитални инвестиции на територија на Карпош, како и зголемениот данок на додадена вредност во износ од 30.319.000 денари. Во приходниот дел во колоната кај Самофинансирачките активности, износот од 84.575.000 денари се зголемува на износ од 86.121.000 денари, поради зголемување на сопствените средства на основните училишта и детските градинки.

 

               Советниците дадоа „зелено светло“ и за Одлуките со кои им се одобруваат финансиски средства на четири домаќинства од населбата Злокуќани во вкупен износ од 940.000 денари, како помош за санација на нивните опожарени домови. Советот ја одобри и Предлог – Одлуката со која Општина Карпош ќе додели 150.000 денари на свој жител,  како финансиска помош за лекување.

               Со истата динамика беше изгласан и Заклучокот за усвојување на Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош,  за извештајниот период (кумулативно) за квартал од 1-ви јануари  до 30-ти јуни 2025 година. Во образецот на Извештајот за вториот квартал  за 2025 година, во колоната План се прикажани  вкупните приходи планирани со Буџетот за 2025 година во износ од 1.733.375.000 денари, додека пак во колоната – Реализирано се прикажани реализираните приходи за вториот квартал во износ 723.935.711 денари. Притоа, во општинскиот Буџет се планирани приходите на локалната самоуправа во износ од 803.537.000 денари, каде што е остварена реализација на приходите за вториот квартал во износ од 360.754.252 денари.

 

               Поддршка од Советот доби предлогот за изменување и дополнување на Програмата од областа на Екологијата и енергетската ефикасност за 2025 година. Во рамки на оваа Програма ќе бидат зголемени средствата за јавна чистота и хигиена, како и за изградба на нови системи за јавно осветлување. Измени и дополнувања претрпеа и годишните програми од областа на детската, социјалната и здравствената заштита, Програмите за развој, како и Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Карпош за 2025 година. Со одлука на Советот, едногласна поддршка доби и предлогот за доделување на финансиска помош во висина од 100.000 денари, на жител од Карпош кој се наоѓа во социјален ризик.