Според планираните активности на локалната самоуправа, денеска заседаваше Советот на Општина Карпош кој во рамки на 58-мата седница ги разгледуваше предлог – точките кои се најдоа на Дневниот ред. На самиот почеток на денешната седница, сите советници едногласно ја поддржаа Предлог – точката со која се осудува говорот на омраза и родова дискриминација на новинарот Миленко Неделковски, кој неодамна го примени против советничката од Општина Карпош, Татјана Стојановска, пишувајќи кон неа статус на социјалните мрежи со навредлива содржина. Во таа насока, градоначалникот Стевчо Јакимовски од советничката говорница ги повика сите здруженија на новинари и медиумски работници, јавно да го осудат ова недолично однесување и пред сѐ неодговорниот чин на новинарот Неделковски.

Во продолжение на седницата по деталната презентација на структурните компоненти на финансиската конструкција, со мнозинство гласови од советниците беше изгласан Буџетот на Општина Карпош за 2025 година.  Инаку, општинскиот Буџет е изработен врз основа на Законот за буџетите и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и тој претставува годишен план на приходи, други приливи и одобрени средства кој ги вклучува основниот буџет, буџетот на донации, дотации, кредити и самофинансирачки активности.

Оттука, Министерството за финансии ја извести Општината дека максималниот износ на сопствените приходи на основниот буџет за 2025 година ќе изнесува 722.056.000 денари, а средствата кои општината ќе ги добие како приход од ДДВ за 2025 година ќе изнесуваат 26.342.000 денари. Според тоа, висината на вкупниот износ на основниот Буџет на Општина Карпош ќе изнесува 803.490.000 денари. Во овој случај, консолидираниот Буџет ќе изнесува 1.587.570.000 денари, а истиот содржи четири планирани извори на приходи од кои ќе се финансираат расходите на Општината во текот на наредната година. Имено, даночните приходи заземаат 42,4% или поточно 650.192.000 денари од приходната компонента на Буџетот, неданочните приходи  учествуваат со 5,9% или со 90.325.000 денари, капиталните приходи со 0.8% односно со 12.650.000 денари, додека пак,  најголемата ставка од приходната компонента им припаѓа на трансферите и донациите кои изнесуваат 50,9% или попрецизно 779.311.000 денари.

Расходниот дел на Буџетот на Општина Карпош го сочинуваат повеќе програми и подпрограми кои се поврзани со работата и функционирањето на локалната самоуправа. За реализација на Програмата на Советот на Општината  се предвидени тековно оперативни расходи поврзани со работата на Советот на општината и исплата на камата и главницата на земените кредити од светска банка, во вкупен износ од 18.870.000 денари. За работа на урбаните заедници според Програмата за Месна самоуправа се предвидуваат 1.355.000 денари, а во рамки на Програмата за локален економски развој се предвидени средства за тековно оперативни расходи во вкупен износ од 37.905.000 денари. Имено, во оваа Програма се распоредени и двете подпрограми за Поддршка на локалниот економски развој и за Проекти и за енергетска ефикасност, каде спаѓа и субенционирањето на граѓаните за поправка и набавка на нови лифтови, покриви и фасади.

Во Програмата за Комунални дејности се планираат тековно оперативни и капитални расходи во вкупен износ од 210.200.000 денари. Оттука, овие финансиски средства ќе бидат распоредени според проекцијата на предвидените подпрограми какви што се Одржување на урбаната опрема, Јавно осветлување, Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт, Јавна чистота, Одржување на локални патишта, Одржување и користење на паркови и зеленило, Изградба на јавно осветлување и поставување на лед светилки на цела територија на Карпош, Изградба на простор за пакирање и сл.

Во Програмата за Култура која е составена од подпрограмата – Културни манифестации и творештво се предвидени средства во износ од 3.800.000 денари, кои се наменети за финансирање на културни манифестации предвидени со програмите од култура.

Во Програма за Спорт и рекреација која ја сочинуваат подпрограмите Спорт и рекреација – ЛОО се предвидени финансиски средства во висина од 8.500.000 денари, за финансирање на спортски манифестации, поддршка на натпревари на општинско ниво, поддршка на училишен спорт, на масовни спортско-рекреативни активности на граѓаните, како и други настани предвидени со програмата за спортски активности. Тука влегува и подпрограмата Спорт и рекреација/капитални трошоци каде на конто – Други градежни објекти се предвидуваат 6.000.000 денари, кои ќе бидат наменети за изградба на спортски и детски игралишта и нови рекреативни зони за масовно спортување.

Во подпрограмата Р10- Заштита на животната средина и природата се предвидени средства во износ од 4.550.000 денари, кои се наменети за испитување на загаденоста на воздухот и заштита на животната средина, во рамки на издвоените средства за ЛЕАП-от.

Во подпрограмата-Образование (подпрограма Н1- Основно образование) се предвидени средства доделени со блок дотација во износ од 460.600.000 денари.

Во Програмата Образование (капитални расходи) се предвидени средства во износ од 19.311.000 денари, кои ќе бидат искористени за купување на информатичка опрема, набавка на опрема за греење и климатизација, како и за реконструкција на училишните објекти. Во овој случај станува збор за финансии кои се обезбедени од Буџетот на Општината.

Во подпрограмата В- Детски градинки (подпрограма В1- Детски градинки), предвидени се средства од самофинансирачки активности во износ од 56.040.000 денари.

 Во Програмата за Социјална заштита и заштита на деца (капитални расходи) предвидени се средства од општинскиот Буџет во износ од 10.600.000 денари, кои ќе бидат наменети за реконструкција на детски градинки.

Согласно Програмата за Родова еднаквост според планираните активности за оваа намена, се предвидува финансиска конструкција во висина од 1.700.000 денари.

Во образложението на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година се наведува дека фискалните проекции за наредниот среднорочен период се базираат врз основа на економската политика на РСМ. Државната економска политика е насочена кон остварување на макроекономската стабилност и одржување на стабилен и одржлив национален економски развој. Тоа се постигнува преку остварување на стратешките определби за зголемување на економскиот раст, зголемување на вработеноста, подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на населението.

 

Во рамки на денешната седница беше изгласана Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Р.С. Македонија, како и Програмата за уредување на градежно земјиште за 2025 година.

 

Потребното мнозинство од советниците гласаа и за Програмата за екологија и енергетска ефикасност за 2025 година. Имено, Секторот за екологија и енергетска ефикасност преку изработка и имплементација на годишната Програма ќе придонесе кон спроведување на законските одредби кои произлегуваат од Законите за локална самоуправа, за заштита на животната средина, како и Законите за енергетика и енергетска ефикасност. Реализацијата на оваа Програма кореспондира и со Националните стратегии за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, преку усвоените програми од Советот на Општина Карпош (ЛЕАП, Програма за ЕЕ), при што се имплементираат посебни мерки и активности во поглед на подобрување и заштита на животната средина. За таа цел, од општинскиот буџет се предвидуваат вкупни средства во висина од  121.750.000 денари за одржување на јавната чистота и хигиена, за одржување на парковите, јавното зеленило и хортикултурата, за одржување и поставување на нова урбана опрема, како и за имплементација на Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) преку повеќе активности во текот на годината. Од оваа Програма ќе се субвенционираат карпошани при купување на нови велосипеди и електрични тротинети, а дел од средствата ќе се употребат за реализација на проектот за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Косово. Финансиски средства се планираат и за одржување на јавното осветлување на територија на општината, како и за изградба на нови системи за осветлување и други активности од областа на енергетската ефикасност.

 

Советот ја поддржа и Програмата за развој за 2025 година која ќе „тежи“ 5.905.000 денари. И оваа година (по четврти пат) локалната самоуправа ќе ја спроведе мерката за поттикнување и помош на младите карпошани да полагаат за возачка дозвола, при што вкупниот износ или дел од трошоците за обука од теоретскиот и практичниот дел на потенцијалните корисници ќе им биде субвенциониран, односно вратен. Од оваа Програма ќе биде финансирана традиционалната крводарителска акција која ја спроведува општина Карпош, ќе бидат покриени трошоците за членство на Општина Карпош во Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА, а финансиски ќе биде поддржан и Младинскиот центар – Карпош.

 

 Изгласана беше и Програмата за изградба, редовно и инвестиционо одржување и зимско одржување на сервисни, станбени улици и локални патишта на подрачјето на општина Карпош за 2025 година. Имено, одобрените финансиски средства од Јавното претпријатие за државни патишта на РСМ во вкупен износ од 5.238.000 денари, Општина Карпош ќе ги распореди за изградба на сервисни, станбени улици и локални патишта, за редовно и инвестиционо одржување на сервисни, станбени улици и локални патишта, како и за одржување на коловозот во зимски услови.

 

Советниците дадоа „зелено светло“ и за Програмата од областа на културата за 2025 година, според која се предвидени парични средства во висина од 3.800.000 денари. Од оваа програма ќе се финансираат разни проекти од областа на културата, ќе се доделува еднократна финансиска поддршка за реализација на повеќе културни активности, а ќе се одржи и традиционалната манифестација „Карпошово културно лето 2025“. Со истата динамика советниците ја изгласаа и Програмата од областа на спортот за 2025 година, за чија реализација од општинскиот Буџет се обезбедени 8.500.000 денари. Инаку од оваа програма ќе се финансираат традиционалните училишни спортски лиги, ќе бидат стипендирани најталентираните ученици – спортисти и ќе се доделува еднократна финансиска поддршка за спорт и рекреација. Исто така, Општина Карпош ќе биде покровител на спортско – рекреативните игри за пензионерите, ќе нуди финансиска поддршка на спортските клубови на своја територија, а локалната самоуправа повторно ќе издвои парични средства за организација на меморијалниот турнир во мал фудбал Оливер Соколов – „Сокол“. Општината ќе биде финансиски покровител на традиционалниот шаховски турнир „Карпош опен“, парично ќе ги поддржи Меѓународниот ватерполо турнир „13-ти Ноември“ и Балканското младинско првенство во спортско качување на карпа – „Атомска мравка„. Во таа насока, Општина Карпош ќе вложи повеќе од 1.000.000 денари за потребите на култната спортска сала „Партизан“ во Карпош 4, односно за доопремување на објектот со спортски реквизити и друг потребен материјал.

 

Советот ја поддржа и Програмата од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2025 година, за која од Буџетот на Општината ќе бидат издвоени 7.520.500 денари. Имено, преку ова Одделение ќе биде поддржан проектот за инклузија на децата од ромска популација во градинката ,,Пролет“, ќе се набавуваат нови дидактички материјали за потребите на детските градинки,  а ќе биде обезбедена и парична помош за лицата во совијален ризик. Како и секоја година, Општината ќе доделува еднократна парична помош од 8.000 денари за секое новородено/посвоено дете на својата територија, ќе ја спроведе традиционалната хуманитарна акција „Да бидеме хумани за нашите соседи“, ќе финансира проекти за поддршка на старите и лицата со попреченост и ќе ги развива социјалните услуги на локално ниво.

 

Советниците од Карпош ја поддржаа и амбициозната годишна Програма за образование за 2025 година, за чија реализација се планирани 33.425.000 денари. Според динамичкиот план на Одделението за образование ќе бидат организирани бесплатни екскурзии за ученици чии семејства се приматели на социјална помош, ќе се поддржат низа ученички активности и манифестации, а во периодот јануари-јуни 2025 година, ќе се субвенционираат ужинките за основците од Карпош. И наредната година талентираните ученици ќе користат осуммесечни стипендии, а награди ќе добијат и првенците на генерација. Финансиска поддршка ќе добијат и проектите од областа на образованието, а активностите на Креативниот центар Карпош ќе бидат поддржани со 500.000 денари.

 

Потребниот консензус го доби и Програмата од областа на информатичката технологија за 2025 година, за чија реализација ќе бидат потребни 11.200.000 денари. Средствата од оваа Програма ќе бидат наменети за надградба и одржување на постоечките ИТ-системи, за набавка на радари кои ја мерат брзината на движење на возилата кои минуваат покрај сите основни училишта и детски градинки во Карпош, за ИТ едукација, за набавка на хардвер и хардверски компоненти и слично. Поддршка доби и Програмата од областа на заштита и спасување на граѓани и материјални добра за 2025 година, за која се резервирани 5.000.000 денари. Со овие средства ќе бидат покриени трошоците за редовно одржување и набавка на нови противпожарни апарати во урбаните и месните заедници, основните училишта и детските градинки на територија на локалната самоуправа. Со гореспоменатите средства ќе се финансираат и повеќе активности на Општината меѓу спаѓа и редовната  дезинсекција, дезинфекција и дератизација на шахтите, санацијата на громобранска инсталација на објектите во Карпош, одржувањето во исправна состојба на оџаците, димоводните уреди, системи за воздушно и водено греење и котли за парно греење и слично.

 

Советот ја изгласа и Програмата за одбележување на 49-годишнината од формирањето на Општина Карпош, за која се предвидени парични средства во висина од 2.000.000 денари. Во рамки на оваа програма ќе се реализираат повеќе проектни активности какви што се афирмација на Општината, организирање на разни трибини, дебати, тркалезни маси, поддршка на културно-забавни и спортски активности, крводарителски акции и др. Исто така, поддршка доби и Програмата од областа на еднаквите можности меѓу жените и мажите во Општина Карпош за 2025 година, за која ќе бидат издвоени 1.700.000 денари. Од овој финансиски фонд директно ќе се поддржи Локалниот совет за женско претприемништво, ќе се покријат трошоците за одржување на локалната канцеларија за родителство, а преку конкретен проект ќе се подигнува дигиталната способност кај лицата од трето доба. Со оваа Програма ќе се промовира и унапредува еднаквоста и ќе се превенира дискриминацијата, ќе се одржуваат работилници за спречување на семејното насилство, а преку организирани трибини и работилници ќе се унапредува женското и машкото здравје.

 

            Советниците се изјаснија позитивно и за Програмата за уривање на објекти кои се бесправно изградени на територија на Општина Карпош и асистенција за 2025 година. Оваа Програма е изработена согласно надлежностите од Законот за локална самоуправа, а од  подпрограмата се финансираат тековно-оперативните трошоци   кои се наменети  за  рушење  на објекти кои се бесправно изградени на територија на локалната самоуправа. За таа цел се обезбедени финансиски средства од општинскиот Буџет во висина од 4.000.000 денари.

 

            Во рамки на денешната седница беа изгласани и Правилниците според кои се дефинирани условите, критериумите, видот и начинот за финансиска поддршка за санација и набавка на нови лифтови, како и за поправка на покриви на зградите и замена на азбестни покриви на куќите во Карпош. Поддршка доби и последната точка од Дневниот ред, за прифаќање на движни ствари на трајно користење без надомест од Владата на РСМ – (Министерство за образование и наука) за потребите на ООУ „Петар Поп Арсов“.