Почитувани граѓани,

Општина Карпош во периодот на месец март и април ќе реализира *Проектен Форум во заедницата*, кој има за цел да го зајакне граѓанското учество во процесот на одлучување на локално ниво, да се подобрат партнерства помеѓу локалните субјекти и да се изнајдат поефикасни решенија за проблемите од интерес на целата заедница.

 

Форумот во заедницата е дел од компонента на проектот „Зајакнување на општинските совети“, кој општината го реализира  во партнерство и со финанасиска подршка на Швајцарската  влада (преку Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC), Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП.

Форумскиот процес ќе се реализира низ циклус од 4+1 форумски сесии, во зградата на основното училиште „Лазо Трповски“ кое се наоѓа на ул. Радика, бр. 9 (Карпош III),  Скопје, со почеток во 18:00 часот.

  • I-ва форумска сесија, 01.03.2023 год. (среда);
  • II-ра форумска сесија, 15.03.2023 год. (среда)
  • III-та форумска сесија, 05.04.2023 год. (среда)
  • IV–та форумска сесија, 19.04.2023 год. (среда)
  • V-та форумска сесија, декември 2023(среда)

Форумскиот процес е отворен за сите граѓани, кои сами ќе одлучуваат за изборот на темата, проектните идеи и предлог проектите, кои ќе се реализираат со овој проект, а воедно ќе бидат земени в предвид и во понатамошните општински активности.

Преку проектот „Форуми во заедницата“ жителите на општина Карпош ќе одлучат кои се приоритетите за развој на општината и кои активности може да се спроведат за подобрување на состојбата на локалната заедница. Проектите ќе се финансираат од буџет од  50 илјади долари (мин.1 – макс. 3 приоритетни проекти) од кои 20% се обезбедени од општината.

Форумот има за цел да го зајакне граѓанското учество во процесот на одлучување на локално ниво и низ еден широко транспарентен начин да обезбеди родово одговорна алокација на буџетските средства, водејќи сметка за различните потреби и приоритети на граѓаните и граѓанките.

Како дел од нашата определба за транспарентно, отчетно, законито и  инклузивно практикување на локалната власт, одлучивме да го практикуваме форумот како една од најефикасните и ефективни форми на непосредно, директно граѓанско учество во одлучувачките процеси во локалната заедница, бидејќи никој подобро од Вас граѓаните/ките не ги познава  вашите проблеми, потреби и приоритети. 

На Форумот во заедницата може да учествуваат сите заинтересирани граѓани.

 

За сите дополнителни информации во врска со форумските сесии, лице за контакт е Координаторот на проектот Ивана Ордевска – тел. 078 486 962 иemail: ivana.ordevska@karpos.gov.mk.

 

 

Прилог – Покана 

Прилог – Дневен ред