ЗДРАВ ОБРОК ЗА СИТЕ ДЕЧИЊА ВО ГРАДИНКИТЕ НИЗ КАРПОШ
- јули 24, 2023
- 0
Започнувајќи од денеска, околу 350 дечиња кои се згрижени во детската градинка „Орце Николов“ во населбата Карпош 3, ќе добиваат еднаш неделно по еден килограм првокласно македонско овошје. Поточно, секое детенце коешто е запишано во градинка, во текот на седмицата еднаш ќе добива по еден килограм кајсии, праски, сливи, круши или јаболка. Станува збор за кампањата којашто ја реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), која ги опфаќа сите детски градинки во државава.
По тој повод, министерот Љупчо Николовски и раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес при Општина Карпош, Гордана Зафировска, денеска ја посетија оваа претшколска установа, каде што присуствуваа на тематските работилници, поразговараа со дечињата и им ги поделија пакетчињата со овошје.
- Во име на локалната самоуправа ја поздравувам оваа иницијатива на МЗШВ и испраќам искрена поддршка за овој проект, бидејќи на овој начин го збогатуваме здравиот оброк на дечињата од нашите градинки, со дополнителни свежи природни намирници – истакна раководителката Зафировска.
Инаку, овој проект се реализира втора година по ред преку програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со цел, поддршка на откупот на овошјето, зеленчукот, млекото и млечните производи кои ги произведуваат нашите домашни земјоделци.