ЗАПОЧНА УЧЕБНАТА ГОДИНА ЗА 617 ПРВАЧИЊА ВО КАРПОШ
- септември 1, 2025
- 0
По тримесечниот летен распуст, училиштата во општина Карпош ги отворија вратите за учениците и првачињата. Секое училиште, со пригодна приредба ги дочекаа своите нови другарчиња, кои од оваа година ќе се запознаат со новите предизвици. Во таа насока, ООУ ,,Димо Хаџи Димов”, во Влае, освен првачињата, со прво септемвриска забава ги дочекаа и градоначалникот Стевчо Јакимовски и вработените во општинската администрација. Некои од нив среќни и насмеани, некој од нив збунети и зачудени, но едно е сигурно, дека секое дете во Карпош ќе има безгрижно и безбедно поминато време во училиштата.
Првиот татко на Општината, Јакимовски ги поздрави новите другарчиња и на сите деца им посака успешен почеток во новата учебна година.
– Ова е училиштето во кое јас на денешен ден пред 58 години го започнав моето основно образование. Наставничките освен образованието ни даваа и воспитување и ние сме им бескрајно благодарни. Она што е за нас значајно е дека им посветивме големо внимание на училиштата , ова училиште е реконструирано 2012-та година, сега го реконструиравме повторно. Би сакал да истакнам дека сите десет училишта во општина Карпош изминатиот период по втор пат ги реконструиравме. Обезбедивме стручен тим за секое училиште (педагог, психолог и дефектолог), а некаде имаме и социјален работник. Секаде обезбедивме по една компјутерска училница, смарт панели имаме од петто до осмо одделение, фотоволтаични системи поставивме да штедиме енергија, уште две спортски игралишта ни преостанаа за реконструкција на вештачка трева. Ги снабдивме сите училишта со ПП апарати, во ова училиште ќе градиме спортска сала, во тек е тендерот за истата, исто така градиме нова спортска сала во ООУ ,,Братство”. Заедно со овие две инвестиции од 2010 година па наваму ќе надмине 11 милиони евра. Овие се значајни проекти за кои одвојува средства Општината но и дел Владата, за да имаме подобри услови за работа и образование. Даваме 50% субвенции за ужинките, а 100% субвенции на деца бранители и социјални случаеви, даваме стипендии за талентирани ученици и спортисти, го наградуваме најдобриот училишен двор. Имаме Креативен центар Карпош, каде што учениците наставата ја изведуваат практично. Оваа година, запишани се околу 617 ученици и секако реонизацијата даде огромен резултат, па Министерката за образование Весна Јаневска ја преточи во Закон за реонизација оваа одлука која ние во Карпош со години ја практикуваме – рече Јакимовски.
Нека оваа учебна година биде инспирација за наставниците и за родителите, а вложувањето во децата и нивното квалитетно образование нека се сведе на успех и бројни резултати.