Започна реконструкција на улицата „Љубљанска“, во населбата Карпош 4. Во претстојните 20 дена целосно ќе се обнови коловозот во должина од 440 метри на една од најфреквентните улици во овој дел од Општината, а потоа ќе следува и реконструкција на тротоарите. Градежниот зафат вреден околу шест  милиони денари го  реализира Град Скопје.

 

                                                Во денешната изјава за медиумите, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ја истакна важноста на оваа сообраќајница и исто така потсети на другите инфраструктурни зафати, во чии рамки ќе има и ново раззеленување:

 

–                    Токму во оваа населба, Карпош 4, неодамна воведовме и нов сообраќаен режим за еднонасочен сообраќај, со нова хоризонтална и вертикална сигнализација, за да се намали метежот во сообраќајот, но и да се зголеми безбедноста на сите учесници. Со ЈП Паркови и зеленило ќе започнеме и со зголемување на зеленилото и хортикултурно уредување, на аголот меѓу „Љубљанска“ и „Волгоградска“, а се надевам дека во најбрзо време улицата „Љубљанска“ ќе ја поврземе со мост со другата страна на Вардар, што претставува значаен капитален проект како за Карпош, така и за  Градот Скопје, рече Богоев.

 

                                                Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов напомена дека е започната градежната сезона и паралелно се врши реконструкција на повеќе градски улици, а се внимава и на периодите од денот кога се вршат инфраструктурните зафати, со цел да се обезбеди непречен проток во сообраќајот.

 

 

                                                Шилегов најави дека по завршувањето на реконструкцијата на ул. „Љубљанска“, ќе започне обновата и на ул. „Московска“, која е во продолжение на овој потег.